На просторот на кој до неодамна се наоѓаше дивата депонија во Тетово, преку ноќ изникна сточен пазар. Во пресрет на утрешниот празник Курбан бајрам, сточарите од околните тетовски села овде го донесоа добитокот кој им се продава на верниците од исламска вероисповест за одбележување на овој втор по значење врски празник кај муслиманите. Тетово нема сточен пазар, па изминативе неколку години во пресрет на Курбан бајрам, просторот околу стариот градски стадион служеше за оваа намена. Тоа пак предизвикуваше големи реакции на околното население, бидејќи се создаваше голема нечистотија, а смрдеата од изметот на добитокот и фрлените изнутрици од закланите животни се чуствуваше со недели.
Оваа привремена локација на која се продава добитокот за Курбан бајрам на местото на кое се наоѓаше дивата депонија е одобрена од Општина Тетово.
„Онаа локација кај стариот стадион беше подобра за нас, беше поблиску до градот и имаше повеќе муштерии, но и овде не е лошо и што е најважно нема кал“, вели сточарот Осман Адеми, кој секоја година за овој празник продава овци.
„Порано продавав мои овци од моето стадо, но го напуштив сточарството. Многу работа има, а малку пари. Денеска тешко се живее само од сточарство. Овие овци што сега ги продавам сум ги купил од друго место. Сега сум на ризик дали ќе успеам сите да ги продадам“, вели Осман.
Празникот Курбан бајрам е празник на жртвувањето, но и на дарувањето. Секој верник муслиман треба да купи и да заколе некое животно, овца, коза, крава или бик. Животното се коле изутрината на празникот, според одреден ритуал. Месото од закланото животно се дели на три дела, еден дел се дава на сиромашните, дел на роднините и пријателите, а дел е за семејството.
Бидејќи Тетово нема сточен пазар, секогаш два-три дена пред Бајрам, се организира еден ваков импровизиран пазар на кој верниците може да купат животно за да го извршат обредот. Една овца се продава од 80 до 120 евра, овните и до 300 евра. Цените се речиси исти како и лани.
„Од година во година има сѐ помалку купувачи. Овие овци ги продавам по иста цена како и лани, ама пак продажбата тешко оди. А гледај ги како сум ги стрижел, специјално за овој празник. Не е работата само да купиш Курбан, тој мора да биде здрав, и пред се убав токму како овие мои овци. Вакви нема на цел пазар“, вели Месут Арифи од село Ѓермо.
Луѓето од Тетово помалку купуваат. Голем овен, крава или бик најчесто земаат верниците кои доаѓаат од странство. Големината на купениот курбан го одразува и угледот и богатството на верникот. Најмногу на цена се големите овни и бикови.
„Овие помаливе овни ги давам за 150 евра, но за овој мој убавец барам 300 евра и не го давам ни за евро подолу. Гледај го, најголем и најубав овен е на пазаров. Ми даваат 250 евра ама ќе чекам, сигурен сум дека ќе добијам добра цена за него“, рече Риза Османи од село Селце. На главата околу роговите има наредено украси. Вели украсите се за да не му го „фатат очи“ овенот, бидејќи е многу убав.
Кај оние што продават крави и бикови има помалку купувачи. Цената за еден бик може да надмине и 1.000 евра.
По долго ценкање без кое не може да помине ниту една продажба, Месут продаде една од своите овци со прекрасна шара на руното и е задоволен од продажбата. Околу неговото импровизирано трло се наредени уште неколку потенцијални купувачи. Гледаат, проценуваат, се пазарат со Месут. Курбан Бајрам е утре и нема уште многу време за чекање ниту за продавачите а уште помалку за купувачите.
З. АНДОНОВ