СТРУГА ЌЕ ГО РЕШАВА СООБРАЌАЈНИОТ ХАОС ВО ГРАДОТ СО ИЗГРАДБА НА ПОДЗЕМНА ГАРАЖА

    СТРУГА ЌЕ ГО РЕШАВА СООБРАЌАЈНИОТ ХАОС ВО ГРАДОТ СО ИЗГРАДБА НА ПОДЗЕМНА ГАРАЖАПаркинг објектот да биде на два ката и ќе има капацитет од 500 места (Фото: СДК.МК)

    Општина Струга започнува постапка за изградба на подземна гаража во самиот центар на градот. Според најавите, таа ќе се гради со јавно-приватно партнерство, а ќе биде со капацитет од 500 места. Со новиот урбанистички план, предвидено е паркинг објектот да биде на два ката, лоциран на просторот пред зградата на Општината, од плоштадот Мајка Тереза под градското шеталиште до хотелот „Дрим“.

    Според градоначалникот на Струга Рамиз Мерко, со овој проект ќе се намали метежот низ градот и ќе се реши долгогодишниот проблем со недостиг на паркинг места.

    „Ова ќе биде еден вреден објект кој ќе остане за граѓаните на Струга. Приватниот партнер ќе го користи толку време колку што дозволува Законот за јавно-приватно партнерство во земјава“, вели Мерко.

    Во тек се разговори со заинтересирани инвеститори, а се работи и на терен, каде што со помош на специјализирана дупчалка треба да се испита тлото. Сѐ уште не се знае вредноста на целата инвестиција.

    „Сега се дупчи до длабочина од 13 метри, иако паркингот нема да оди подолу од шест метри. Ќе видиме какви ќе бидат резултатите од дупчењето и продолжуваме со проектна документација за овој капитален објект“, вели Мерко.

    Паркинг просторот со години е главен проблем во Струга. Мерко вели дека во неговиот последен четиригодишен мандат обезбедил нови 1.000 паркинг места со зонското паркирање на една коловозна лента од струшките улици. Засега наплата се врши на само дел од улиците. Во тек е постапка за целосно определување зони, каде што цената за паркирање е 40 денари во екстра зона за првиот час, а 30 денари за вториот, додека во прва зона се наплаќа 30 денари за првиот час, а за вториот 20 денари. Од полноќ до седум часот не се наплаќа. Цените за периодот надвор од туристичката сезона се намалени за 10 денари.

    Граѓаните се поделени во мислењата. За едни наплатата по јавните површини е неприфатлива, за други е оправдана, со оглед на тоа што се намалил метежот на градските улици.

    ЈП „Еко“ од Струга стопанисува со четирите паркинзи во градот, кои бројат околу 500 места. Цената за паркинг таму изнесува 50 денари.

    С. ВРЕНЦОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира