СТРУГА ЌЕ ЈА ИЗГУБИ НАЈСТАРАТА И НАЈАВТЕНТИЧНА КУЌА ВО ЧАРШИЈАТА ОТИ СОПСТВЕНИЦИТЕ НЕ САКААТ ДА ЈА ЗАШТИТАТ

    СТРУГА ЌЕ ЈА ИЗГУБИ НАЈСТАРАТА И НАЈАВТЕНТИЧНА КУЌА ВО ЧАРШИЈАТА ОТИ СОПСТВЕНИЦИТЕ НЕ САКААТ ДА ЈА ЗАШТИТАТИзградена пред околу 150 години, Куќата на Ќатовци претставува белег на градот, но поради лошата состојба е опасност за минувачите (Фото: СДК.МК)

    Најстарата автентична куќа во струшката чаршија, Куќата на Ќатовци, која со години се распаѓа, не може да се заштити оти еден од сопствениците не дава согласност за тоа. Од Завод и музеј Охрид велат дека во ваква состојба, при нарушени имотно-правни односи, не можат да преземат никакви мерки освен преговори со сопствениците да се согласат за заштита, реставрација и конзервација на куќата.

    „Завод и музеј не е во можност да ги започне процедурите за ставање на куќата под заштита. Тоа значи да се разработи детална техничка и фотодокументација на целиот објект, снимање на фасади, ентериери и слично. За тоа мора да има согласност од сите сопственици на куќата. За жал, во случајов има интерес од еден од сопствениците и ние сме спречени да извршиме снимање и да изготвиме решение за заштита на куќата“, вели Мишко Туткоски, директор на Завод и Музеј Охрид.

    Изградена пред околу 150 години, Куќата на Ќатовци претставува белег на градот, но поради лошата состојба денес е опасност за минувачите. Чардакот на објектот, белег на вредна староградска архитектура по која градот е препознатлив, секој момент може да се сруши.

    Туткоски вели дека заштитата на градбите кои претставаат вредно културно наследство е спора оти фалеле и луѓе и пари. Од вкупно 12 во Струга, досега се конзервирани и заштитени само шест автентични староградски куќи-споменици на културата.

    „Ние не можеме повеќе. Реално, треба поголем капацитет на луѓе и финансиски средства. Кога би се реставрирала една куќа годишно, Струга за само неколку години би ги имала сите објекти заштитени реставрирани и конзервирани“, додава Туткоски, кој по заштитата на куќите на Миладиновци, Малески и Коџоман, најави дека ќе се конзервира зградата на Народна одбрана следната година.

    С. ВРЕНЦОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира