СТРУМИЧАНЕЦ КОЈ БЕШЕ ИСЧЕЗНАТ МЕСЕЦ И ПОЛ НАЈДЕН МРТОВ ВО БУРЕ ВО БРАНАТА ТУРИЈА

    СТРУМИЧАНЕЦ КОЈ БЕШЕ ИСЧЕЗНАТ МЕСЕЦ И ПОЛ НАЈДЕН МРТОВ ВО БУРЕ ВО БРАНАТА ТУРИЈАОсомничен за свирепото убиство е 52-годишен жител на населеното место Добрејци, кој веќе е во притвор. - Браната Турија (Фото: СДК.МК)

    Месец и половина откако беше пријавен за исчезнат, струмичката полиција го пронајде телото на Ристо Иљашев од Струмица, фрлено во метално буре и потопено во водите на браната Турија. Неговото тело било пронајдено завчера, а по обдукцијата е констатирано дека станува збор за Иљашев, кој се занимаваше се продажба на девизи и беше пријавен за исчезнат на почетокот на мај.

    Осомничен за свирепото убиство е 52-годишен жител на населеното место Добрејци, кој со починатиот биле познаници подолго време. Против лицето М. В. е поднесена кривична пријава за убиство и тој се наоѓа во притвор. Според полицијата, тој на свиреп и подмолен начин го извршил убиството, најверојатно во мај, при што се обидел да ги прикрие трагите од грозоморното убиство ставајќи го телото на Иљашев во метално буре и го фрлил во водите на браната Турија.

    „Отворена е истрага, бидејќи постои основано сомнение дека осомничениот на 07.05.2019 година на свиреп и подмолен начин го лишил од живот Ристо Иљашев, а потоа се обидел да го прикрие убиството. По наредба на јавен обвинител беа преземени повеќе дејствија, извршени се претреси на повеќе локации, организирана беше опсежна потрага по исчезнатото лице особено во реонот на браната Турија, каде е забележано возилото на осомничениот. Обезбедени се и други материјални докази. Дополнително, во работилницата сопственост на осомничениот во село Добрејци пронајдени се биолошки траги кои потекнуваат од жртвата“, вели Хризантема Рендевска од СВР Струмица.

    Полицијата сѐ уште работи на откривање на причините на убиството на Иљашев.

    В. ТРАЈКОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира