СТРУМИЧКИ СРЕДНОШКОЛЦИ СОБИРААТ ПАРИ ЗА ДА ЗАМИНАТ НА СВЕТСКИОТ НАТПРЕВАР ПО АНГЛИСКИ НА УНИВЕРЗИТЕТОТ ЈЕИЛ ВО САД

    СТРУМИЧКИ СРЕДНОШКОЛЦИ СОБИРААТ ПАРИ ЗА ДА ЗАМИНАТ НА СВЕТСКИОТ НАТПРЕВАР ПО АНГЛИСКИ НА УНИВЕРЗИТЕТОТ ЈЕИЛ ВО САДИако сè уште не знаат дали ќе патуваат на Јеил, децата секојдневно вежбаат со своите ментори-професори по англиски (Фото: СДК.МК)

    Средношколци и професори од струмичката гимназија бараат спонзорства по фирмите од југоистокот за да учествуваат на светскиот натпревар по англиски, кој месецов ќе се одржи на универзитетот Јеил во САД. Досега собрале само четири илјади долари од потребните 14, за да бидат дел од овој натпревар, кој се спроведува во три етапи.

    Средношколците од „Јане Сандански“ ги поминаа елиминациската рунда и полуфиналето во Барселона, но не знаат дали своите знаења ќе ги презентираат на Јеил.

    „На овој натпревар учествуваат 60.000 средношколци од целиот свет. Само најдобрите влегуваат на завршниот натпревар на Јеил. Но, во нашата држава, овој натпревар сè уште не е препознат од институциите, па целиот финансиски товар паѓа на родителите. Ако ние не потврдиме и заминеме, тогаш на наше место ќе отпатуваат средношколци од Словенија“, вели Верица Јанкова, професор по англиски.

    Втората етапа во Шпанија ја поминале 12 средношколци од ова училиште, но поради немање средства, четири деца се откажале. Останатите со професорите и со своите родители се обидуваат да ги соберат потребните пари, бидејќи со учеството на Јеил, можно е да се добијат и стипендии за студирање на овој престижен универзитет.

    „Сметаме дека имаме потенцијал. Тоа го докажавме во Шпанија. Тоа е предизвик за нас и добиваме шанса да ги прошириме нашите знаења, но и да добиеме стипендии“, кусо кажа Бојана Витанова од ова училиште

    Средношколците иако сè уште не знаат дали ќе патуваат на Јеил, сепак, секојдневно вежбаат со своите ментори-професори по англиски. Натпреварот се состои од пишување есеи и нивна одбрана, дебати и од одговарање на прашања од повеќе општествено-научни области.

    В. ТРАЈКОВ

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира