Советниците на општина Струмица ја прифатија иницијативата на група граѓани да се подигне спомен обележје на претскажувачката баба Ванѓа која е родена во Струмица како Вангелија Пандева Димитрова во 1911 година, а со години живееше во Петрич Бугарија. Во образложението на групата граѓани стои дека „Баба Ванѓа познатата претскажувачка ширум светот треба да добие спомен обележје во својот роден град за да може да се вреднува и валоризира нејзиниот неизмерен хуманизам, милосрдие и добродушност покажана во секојдневната комуникација со обичните граѓани“.
Иницијативата ја достави Никола Пандев од ВМРО ДПМНЕ. Тој побара Советот да излезе во пресрет на струмичани кои сакале на денешниот празник ,,Св. Петка,, да се отпочне процедурата за спомен обележје бидејќи овој празник бил заштитник и на баба Ванѓа.
Советниците на СДСМ преку Катерина Кузмановска побараа ова иницијатива да се одложи и за неа да се расправа на следната седница за да се комплетира барањето на граѓаните со прецизни одговори во поглед на локацијата и формата на спомен обележјето, дали да биде спомен плоча или биста, но и со чии средства да се гради истото решение, со општински или преку донација.
По две паузи, советниците сепак ја прифатија инцијативата и ја задолжија Комисијата за општествени дејности да ја разгледа истата и да предложи дополнување на Програмата за одбележување на значајни настани и личности со спомен обележја во Општина Струмица.