СТРУШКИОТ ГРАДОНАЧАЛНИК БАРА ПОМОШ ОД ВЛАДАТА ЗА ДЕПОНИЈАТА КОЈА ШТО ГОРИ СЕКОЕ ЛЕТО

    СТРУШКИОТ ГРАДОНАЧАЛНИК БАРА ПОМОШ ОД ВЛАДАТА ЗА ДЕПОНИЈАТА КОЈА ШТО ГОРИ СЕКОЕ ЛЕТОПожарот изби вчера, само неколку часа откако Струга ја посетија министрите за екологија и без ресор Садула Дураку, Рамиз Мерко и Зоран Шапуриќ. (Фото: Фејсбук)

    Стружани денес протестираа против дивата депонија, која што гори од вчера попладне. Тие бараат од локалната и централната власт веднаш да преземат мерки за да се спречи натамошно опожарување на депонијата, бидејќи се наоѓа на само 500 метри од првите населби во Струга. Со години оваа депонија секое лето гори и ја труе Струга, и покрај ветувањата и од локалната и од централната власт дека ќе се најде решение, досега решение нема.

    Мустафа Забзун, в.д. градоначалник на Струга, кој го наследи пратеникот Зијадин Села, вели дека депонијата вчера се запалила еден час по посетата на министрите за екологија и без ресор Садула Дураку, Рамиз Мерко и Зоран Шапуриќ.
    „Овие министри вчера дојдоа за да разговараме да се најде решение за депонијата. А еден час по посетата таа почна да гори, што остава сомнеж дека пожарот можеби е намерно подметнат. Цела ноќ го гасевме пожарот. Сега не гори, но чади. Стружани денес протестираат, некои со право, некои за да ќарат политички поени. И јас протестирам во себе, бидејќи сум стар стружанец и мене овој проблем ме мачи. Проблемот со депонијата не е од вчера, туку е десетина години“, вели Забзун.

    Тој објаснува дека во моментов не можат да ја дислоцираат депонијата на друго место, туку само да ја конзервираат, односно да го израмнат ѓубрето и да го тампонираат.
    „Побаравме помош од Владата со механизација да ни помогнат да го израмниме и тампонираме ѓубрето. Но, и натаму комуналниот смет ќе мора таму да го носиме, оти од Министерство за животна средина немаме дозвола да депонираме на друго место. Вчера со министрите разговаравме ако може сметот од Струга да се носи на охридската депонија, но градоначалникот на Охрид рече дека тоа нема да може да се направи веднаш и брзо оти за тоа треба да донесе одлука Советот и да се направи анализа колку охридската депонија дополнително може да се оптовари“, вели Забзун.

    Од Министерството за животна средина велат дека дозвола за нова локација за депонирање на комуналниот смет од Струга не можат да дадат, бидејќи согласно законските одредб треба да се направи регионална депонија. Овој процес се влечка веќе десетина години.
    „Градоначалниците од овој регион треба да донесат одлука како ќе оди изградбата на оваа депонија и конечно да почне процесот. Дотогаш сите депонии во земјава се без дозвола и се времени решенија“, велат од Министерството за животна средина.
    Според планската документација регионалната депонија за овој регион треба да биде во Општина Дебарца во месноста Арбиново.

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира