СТРУЖАНИ СЀ ПОЧЕСТО СЕ ВАКЦИНИРААТ СО ТРЕТА ДОЗА ПРОТИВ КОВИД-19, Д-Р ЛОЖАНКОСКИ АПЕЛИРА МЛАДИТЕ ДА НЕ СЕ ГРУПИРААТ

    СТРУЖАНИ СЀ ПОЧЕСТО СЕ ВАКЦИНИРААТ СО ТРЕТА ДОЗА ПРОТИВ КОВИД-19, Д-Р ЛОЖАНКОСКИ АПЕЛИРА МЛАДИТЕ ДА НЕ СЕ ГРУПИРААТ„Јас сум релативно задоволен, но треба овој број да расте“, вели директорот на Здравствен дом Струга д-р Андон Ложанковски. (Фото: СДК.МК)

    Голем е интересот за вакцинација со трета доза против ковид-19 во Струга. Според директорот на Здравствениот дом д-р Андон Ложанкоски, интересот расте во последните месец дена, откако имунизацијата се врши без закажан термин. Досега трета доза примиле над 550 лица, но се очекува бројките да растат.

    Пораст има и во статистичките бројки за прва доза. Според Ложанкоски, свеста кај граѓаните за заштита од коронавирусот расте.

    „Има и млади кои се имунизираат, посебно оние над 18 години. Во категоријата од 12 до 18 години е нешто помала бројката, но има и такви кои се вакцинираат. Четвртиот  бран се очекува и апелирам сите да се вакцинираат. Масовната имунизација е единствениот излез од оваа состојба“, вели д-р Ложанкоски.

    Според него, младите покрај вакцинацијата треба да избегнуваат и масовни собирања.

    Во Струга моментално за прва доза се користи вакцината на „Фајзер“ и досега вакцинирани се 15.000 граѓани, 12.000 со втора и над 500 со трета доза.

    „Јас сум релативно задоволен, но треба овој број да расте. Секако има и такви кои се вакцинирале и надвор од Струга, а кои не се влезени во оваа статистика како и оние кои се под Општина Вевчани“, додава д-р Ложанкоски.

    Вакцинацијата со трета доза започна на крајот од септември најпрво за здравствените работници, граѓаните над 60 години, и лицата кои имаат имунокомпромитирана здравствена состојба со поминати 6 месеци од примената ревакцина. Трета доза вакцина може да се прими без да се закажува термин, како што е и за првите две дози. Вакцинацијата со трета доза се спроведува на сите вакцинални пунктови во државата, каде во тек е вакцинација и ревакцинација.

    Според последните информации од Министерството за здравство, до 8 ноември вкупно се аплицирани 1.633.125 дози вакцини, а ревакцинирани се 780.456 граѓани, трета доза вкупно примиле 43.376 граѓани. 37% од вкупното население е вакцинирано со две дози вакцини.

    С. ВРЕНЦОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира