СТУДЕНТСКИОТ ДОМ ВО ШТИП ДОБИ ГРАНТ ОД 2 МИЛИОНА ЕВРА ЗА РЕКОНСТРУКЦИЈА И ФОТОНАПОНСКИ ПАНЕЛИ

    СТУДЕНТСКИОТ ДОМ ВО ШТИП ДОБИ ГРАНТ ОД 2 МИЛИОНА ЕВРА ЗА РЕКОНСТРУКЦИЈА И ФОТОНАПОНСКИ ПАНЕЛИВо втората половина на годинава Студентскиот дом во Штип ќе биде целосно реконструиран и ќе прозведува струја што ќе покрива 90 отсто од сегашните трошоци. (Фото: СДК.МК)

    На барање на Министерството за образование, Општина Штип одобри реконструкција на студентскиот дом „Браќа Миладиновци“ во Штип по основен проект изработен од Градежниот институт, а со друго решение го одобри и барањето за изградба на фотонапонски панели на кровната конструкција.

    Штипскиот студентски дом е дел од проектот што Министерството за образование го најави за сите седум државни домови. Целокупната реализација на проектот ќе оди преку службите на Министерството, кое обезбеди меѓународен грант од 25 милиони евра од кои штипскиот дом ќе добие околу 2 милиона евра.

    Директорот на студентскиот дом Јордан Насев очекува до крајот на оваа пролет да траат меѓународните тендери, а во втората половина на годината да започнат градежните работи и за реконструкција на домот и за поставување на фотонапонските панели, кои ќе бидат од големо значење за покривање на трошоците за функционирање.

    „Овој објект порано беше ученички дом, но од 2008 година стана дом и за студенти кои имаат предност при конкурирањето. Па така, максималниот капацитете од 300 легла оваа година е исполнет со 100 студенти и 200 ученици. Сите се од соседните градови, а има студенти и ученици и од градовите во другите региони. Домот располага и со сопствена кујна“,  вели Насев.

    Тој пресметал дека сега домот годишно троши 2,5 милиони денари за струја и 1,5 милиони денари за нафта или вкупно 4 милиони денари за енергија и за затоплување. Со фотонапонските панели, кон кои ќе биде приклучен системот за загревање, ќе се покриваат повеќе од 90 проценти од годишните трошоци за овие две ставки или годишната заштеда ќе изнесува над 3 милиони денари.

    Т. ЈОВАНОВСКИ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира