Судскиото рочиште против охриѓанецот Илија Спасески, обвинет за тепањето на сограѓанинот кој по инцидентот доби бугарско државјанство Христијан Пендиков, денеска се одложи поради штрајкот на судската администрација за ниските плати. Бранителот на обвинетиот Спасески, Димитрија Цобоски пред Судот рече дека нема процесни претпоставки за одржување на расправа оти судењето е во време кога судската администрација е во протест, од 9 до 11 часот.
„Затоа не влегувам и стојам овде пред судот како поддршка на вработените од судската администрација. Одлагањето на расправата е последица на нивното незадоволство“, кажа Цобоски.
Застапникот на Пендиков, адвокатот Стефан Камишевски, рече дека Пендиков ќе се појавува на секое следно рочиште оти се чуствува одлично иако, како што рече, целосно не бил заздравен.
„Не се заздравени повредите коишто ги имаше на пршлените на грбот и на вратот но во секој случај за разлика од тоа што беше по тепачката, Пендиков се чуствува одлично. Запишан е на факултет и се очекува да ги почне студиите на Факултетот за меѓународни односи и политика“, кажа Камишевски.
На следното рочиште, на 26 октомври, на обвинителна клупа ќе седне и 23-годишниот битолчанец Борче Ангелев како сообвинет за кривичното дело „нанесување на тешки телесни повреди“.
Камишевски рече дека е задоволен од работата на обвинителството.
„Лицето беше препознаено, поднесено е и соодветно обвинение против него и очекуваме постапката која е покрената и за тоа лице да биде споена со оваа постапка и понатаму да се води како единствена постапка и за двете обвинети лица“, изјави Камишевски.
Судскиот процес за нападот на Христијан Пендиков, секретар на бугарскиот клуб„Цар Борис Трети“ во Охрид, што се случи на 19 јануари пред кафуле во центарот на градот, досега двапати се одлага, еднаш оти адвокатите на обвинетиот Спасески го напуштија судењето и немаше услови за негово одржување, а вторпат поради здравствени причини на обвинетиот.
С. ВРЕНЦОВСКА