СУДСКИ ПРОЦЕС ПРОТИВ ТАЛЕСКИ И ЗА ОФИЦЕРСКИОТ ДОМ И ОШТЕТЕНИОТ ЛУСТЕР ВО БИТОЛА

    СУДСКИ ПРОЦЕС ПРОТИВ ТАЛЕСКИ И ЗА ОФИЦЕРСКИОТ ДОМ И ОШТЕТЕНИОТ ЛУСТЕР ВО БИТОЛАОфицерскиот дом е еден од најубавите архитектонски бисери во Битола, кој датира уште од времето на 1911 година кога го градел управникот на битолскиот вилает Абдил Ќерим - паша, а дограден 1919 година. (Фото: СДК.МК)

    Нов судски процес е покренат против ексградоначалникот на Битола, Владимир Талески во Основниот суд во Битола. Од судот за САКАМДАКАЖАМ.МК потврдија дека до нив е поднесен обвинителен предлог од Основното јавно обвинителство од Битола против Талески за кривично дело несовесно работење во службата по член 353-в став 1 од Кривичниот законик.

    Дознаваме дека Талески за минатата година додека бил градоначалник е обвинет дека не водел грижа за зградата на Офицерскиот дом во Битола и лустерот во него, не го обезбедил објектот и не презел се’ со што било потребно за негова заштита, па нанел штета на Општина Битола.

    На судење во Битола, Талески требаше да се појави вчера, ден по рочиштето за случајот „Транспортер“ во Скопје. Но, од судот не известија дека рочиштето за главната расправа било одложено. Адвокатот на обвинетиот Драган Пажиќ побарал одлагање на процесот за подготовка на одбраната по предметот. Од судот информираат дека одбраната побарала и увид во списите на предметот за што судот мора да даде можност според законските одредби. Ново рочиште е закажано за 20 декември годинава.

    Офицерскиот дом е еден од најубавите архитектонски бисери во Битола, кој датира уште од времето на 1911 година кога го градел управникот на битолскиот вилает Абдил Ќерим- паша, а дограден 1919 година. Беше заштитен на хартија како споменик од прва категорија, но во реалноста е оставен на забот на времето и се распаѓа.

    По заминувањето на АРМ од него, надлежноста беше префрлена на неколку министерства. Но, не беа преземени посериозни мерки за негова заштита. Откако државата лани во јануари се откажа од негова продажба за 930.000 евра, беше предаден во надлежност на општина Битола.

    Објектот низ годините се руинираше. Долго време вратите беа оштетени, па внатре влегуваа разноразни минувачи, се’ се украде, дури и штекерите и каблите од електричната инсталација. Просториите прераснаа во нужник, ѕидовите имаат влага, вратите и прозорците се во распаѓање.

    Лани во август, во неповрат отиде и последниот артефакт од Офицерскиот дом кој остана неукраден. Гламурозниот таканаречен балски кристален лустер, кој се сметаше за движно наследство на градот, падна од таванот и се искрши. До денес не се знае дали поради негрижата и неодржувањето попуштија ремените со кои беше прицврстен за таванот или некои крајно несовесно граѓани ги секле ремените и го оставиле да падне.

    Лустерот 43 години ја красеше најакустичната концертна сала во Битола, во Офицерскиот дом, каде некогаш се одржауваа концертите по класична музика. Него го имаше составено мајсторот Будимир Костојчиновски од двата лустери од Офицерскиот дом во Скопје кои беа оштетени за време на земјотресот во 1963 година.
    Руинираноста на Офицерскиот дом е една од најболните точки на битолчани, а новата локална власт во својата изборна програма вети дека ќе го реконструира и ревитализира.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира