Започна откупот на сончогледот, индустриска култура од која со преработка се добива масло за јадење. Велешката фабрика „Кристал 1923“ е единствен капацитет кој го откупува и преработува сончогледовото семе. Вака раниот почеток на откупот, уште кон средината на август не се помни. Цената е повисока од лани.
„Жетвата годинава почна порано, поради сушата и топлото време. Планираме да го откупиме целиот род на сончоглед од Македонија. Додатните количества ќе бидат набавени, увезени од Србија. Откупната цена е 23,5 денари за кг. плус ДДВ. Би биле среќни со оглед на родот ако од Македонија откупиме 5-6 илјади тони“ кажа Горанчо Лазов извршен директор на „Кристал 1923“. Ланската откупна цена беше 20,5 денари. Месецов досега биле откупени илјада тони.
Од минатата година ДДВ за сончоглед се покачи на 10 отсто, додека на суровото масло остана 5 отсто, со што фабриката се става во нерамноправна положба, како единствен преработувач во Македонија, на сончоглед во масло за јадење.
Пред извесен период Маслодајна на која и беше стопиран извозот на маргарин и масло за јадење во Србија,по нејзината реакција добила одговор дека Србија дозволува увоз на 33 тони маргарин, но не и на масло за јадење. Лани фабриката во Србија извезе 317 тони маргарин. Ваквата одлука за забрана на увоз на масло и маргарин во Србија, беше спротивна на ЦЕФТА договорот.
П. ПЕЧКОВ