„СВ ИНВЕСТ“ БАРА ЈАВНО ИЗВИНУВАЊЕ ОД МИЦКОСКИ, РЕК БИТОЛА ВО ИДНИНА ЌЕ ТУЖИ ЗА СЕКОЈА ДЕЗИНФОРМАЦИЈА

    „СВ ИНВЕСТ“ БАРА ЈАВНО ИЗВИНУВАЊЕ ОД МИЦКОСКИ, РЕК БИТОЛА ВО ИДНИНА ЌЕ ТУЖИ ЗА СЕКОЈА ДЕЗИНФОРМАЦИЈА„Најодговорно тврдиме дека фирмите ‘СВ инвест’ и ‘Тотал Инженеринг’ од Струмица нити некогаш работеле, нити во моментов работат како подизведувачи на ископ и транспорт на јаглен во РЕК“, рече директорот на РЕК Битола Ковачевски (Фото: СДК.МК)

    Фирмата „СВ Инвест“ бара јавно извинување од лидерот на ВМРО – ДПМНЕ Христијан Мицкоски, за вчерашните обвинува што ги изнесе на Фејсбук дека како подизведувачи за превоз на јаглен во РЕК возат камиони од фимрата „ДГИ тотал инженеринг“, во сопственост на братот на премиерот Вице Заев. Од РЕК „Битола“, пак, исто така категорично ги отфрлија обвинувањата за наводен криминал, корупција и непотизам и најавија дека во иднина секој што ќе изнесе невистини, па макар тоа бил и Христијан Мицкоски, ќе заврши на суд.

    Адвокатот Вања Атанасов на „СВ инвест“ , фирма која е со седиште во Битола, изјави дека никогаш со своја, нити со туѓа градежна механизација, немаат учествувано во работењето на РЕК. Објаснува дека таму по тендер се застапени само со работници, а во никој случај не со камиони. Како што рече, компанијата е градежна и раполага со механизација која ја набавува низ Македонија, но досега немале никаква врска со фирмата на братот на Заев.

    „Фирмата нема работено ни како подизведувач со сопствена механизација, нити има добиено тендер за работа со механизација. Оттука се изнесени невистинити тврдења дека фирмата работела со механизација во РЕК која не е нивна. Бараме писмено и јавно извинување преку медиумите за изнесените лаги. Во спротивно ќе тужиме. Немаме никаква врска со фирмата ‘ДГИ Тотал инженеринг’. И ние бараме овластените лица да ја утврдат вистинската состојба. Со ваквите невистини се сакаше да се опструира работата на ‘СВ Инвест’ и да се наштети“, рече адвокатот Атанасов.

    Со демант се огласи и генералниот директор на РЕК „Битола“, Васко Ковачевски.

    „Најодговорно тврдиме дека фирмите ‘СВ инвест’ и ‘Тотал Инженеринг’ од Струмица нити некогаш работеле, нити во моментов работат како подизведувачи на ископ и транспорт на јаглен во РЕК. Има неколку начини со кои многу лесно тоа може да се протврди, а тоа се записниците за изведување на работите, извештајот за работа на Рудници, извештаите за влез и излез на лица, возила и опрема во комбинатот“, рече Ковачевски.

    Тој додаде дека носител на јавната набавка за ископ на јаглен и јаловина во РЕК е Градежното претпријатие „Пелистер“ , кое има можност да ангажира подизведувачи, но за тоа мора навремено и прецизно да го извести комбинатот  и да добие согласност.

    Ковачевски најави дека за многу скоро ЕЛЕМ и РЕК ќе излезат јавно со податоци за работењето на компанијата кога ја раководеше Христијан Мицкоски.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира