ТАЛЕСКИ БАРА ДА СЕ СНИМА И СУДЕЊЕТО ВО БИТОЛА ЗА ОФИЦЕРСКИОТ ДОМ, РОЧИШТЕТО ОДЛОЖЕНО

    ТАЛЕСКИ БАРА ДА СЕ СНИМА И СУДЕЊЕТО ВО БИТОЛА ЗА ОФИЦЕРСКИОТ ДОМ, РОЧИШТЕТО ОДЛОЖЕНОСудењето во Основниот суд во Битолa започна со одлагање зашто бранителот на Талески според Законот за кривична постапка побара рочиштето да биде тонски снимено, а во судницата улови за тоа немаше. - Талески по одложеното рочиште (Фото: СДК.МК)

    Поранешниот битолски градоначалник Владимир Талески им се обрати на новинарите со „среќни, задоволни, видовте, разбравте“ по одлагањето на судскиот процес во кој е обвинет дека недоволно се грижел за Офицерскиот дом.

    Судењето во Основниот суд во Битолa започна со одлагање зашто бранителот на Талески според Законот за кривична постапка побара рочиштето да биде тонски снимено, а во судницата улови за тоа немаше. Неговиот бранител адвокатот Драѓи Пажиќ, кој го застапува и во обвинението за „Транспортер“, изјави дека доколку расправата почне без снимање ќе се жалат до Судот за човекови права во Стразбур.

    „Побаравме одлагање на судењето зашто во судницата не постојат услови за тонско снимање. Има услови за тонско снимање, но тоа се други судници. Тоа не е обезбедено во сите судници, но тоа е прашање на судот и тие ќе го разрешат тоа. Најавив дека ако не се почитува законот, ако судот без тонско снимање почни да расправа и да се одлучува по предметот тогаш ќе се обратиме до Европскиот суд за човекови права“, рече адвокатот.

    Одбраната на Талески бараше одлагање и за да им бидат приложени фотокопии од доказите на јавното обвинителство. Воедно достави и свои докази, меѓу кои снимен материјал од Офицерскиот дом во 2010 година со цел, како што рече адвокатот да се докаже дека таму немало инвентар, туку празни ходници и писмени документи прибавени додека Талески бил градоначалник. Но, фотокопии, за кои судијката рече дека треба да бидат или заверени или да се достават оригинали.

    Обвинителката Оливера Нечовска возврати дека измените во законот за снимање биле направени од 2010 година, за жал државата не обезбедила доволно услови за тоа да се спроведе на дело. Рече дека истиот адвокат за други рочишта не барал тонско снимање, па ова не претставува ништо друго туку само одолговлекување на судскиот процес.

    Обвинителството како сведоци ги имаше повикано поранешните директори на Завод и музеј од Битола, Зоран Николовски, Зоран Алтипармаков, ексдиректорот на „Комуналец“ Зоран Соклевски и друго лице кое требаше да биде обезбедување на домот.

    Судијката Тања Петровска ја одложи распавата за 19 февруари за да се обезбеди судница во која судењето тонски ќе се сними.

    Обвинението против Талески за несовесно работење било покренато годинава уште кога тој беше градоначалник на Општина Битола. Тој е обвинет дека не водел грижа за зградата на Офицерскиот дом во Битола и лустерот во него, не го обезбедил објектот и не презел сè со што било потребно за негова заштита, па нанел штета на Општина Битола.

    Офицерскиот дом е еден од најубавите архитектонски бисери во Битола, кој датира уште од времето на 1911 година кога го градел управникот на битолскиот вилает Абдил Ќерим – паша, а дограден 1919 година. Беше заштитен на хартија како споменик од прва категорија, но во реалноста е оставен на забот на времето и се распаѓа. Надлежноста се префрлување на неколку министерства, а на крај и на Општина Битола, но објектот остана руиниран.

    За Талески ова е втор судски процес во кој е обвинет, по оној за „Транспортер“, а неофицијално дознаваме дека истрага се води и за други случаи.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира