ТАРАВАРИ СО ИЗЈАВА ЗА МЕДИУМИТЕ ГО СМЕНИ ДИРЕКТОРОТ НА КУМАНОВСКАТА БОЛНИЦА ПО СМРТТА НА 32-ГОДИШНИОТ КУМАНОВЕЦ

    ТАРАВАРИ СО ИЗЈАВА ЗА МЕДИУМИТЕ ГО СМЕНИ ДИРЕКТОРОТ НА КУМАНОВСКАТА БОЛНИЦА ПО СМРТТА НА 32-ГОДИШНИОТ КУМАНОВЕЦ Таравари кажа дека коалицискиот партнер ВМРО-ДПМНЕ знае за смената на директорот д-р Стефан Трајановски. (Фото: СДК.МК)

    Министерот за здравство Арбен Таравари денеска во изјава за медумите од Градскиот плоштад во Куманово му соопшти на директорот на Општата болница во Куманово, д-р Стефан Трајановски, дека е разрешен од функцијата поради пропусти во лекувањето на 32-годишниот маж, кој завчера починал од алергиска реакција по примена инфузија во дневната болница на Хируршкото оддление. Министерот бил во посета да изрази сочувство на семејството на починатиот, по што даде изјава за новинарите.

    „Пред да дојдам тука го прочитав извештајот подготвен од Државниот здравствен и санитарен инспекторат (ДЗСИ) и од него може да се констатира многу лесно дека веќе има предуслови за да се разреши директорот на Општа болница Куманово. И пред да излезам од Министерството за здравство, директорот беше разрешен од функцијата. Се надевам веќе утре, по консултации со колегите од Министерството, ќе назначиме нов директор на болницата“, кажа Таравари.

    Тој најави дека целата документација треба да ја разгледа професионалниот тим на Министерството, по што ќе биде предадена на Обвинителството.

    „Се надевам дека судството ќе донесе правична одлука доколку постои лекарска грешка. Меѓутоа, треба да бидеме свесни дека и ние кои водиме институции и тие што лекуваме пациенти, доколку има некакви пропусти мора да се одговара. Затоа, јас и Министерството од утре ќе излеземе со името на новиот директор“, додаде Таравари.

    На новинарско прашање на САКАМДАЖАМ.МК, кои се точните причини за смена на директорот, Таравари не сакаше да ги каже.

    „Јас мислам дека не е коректно пред јавноста да се презентираат детали, кои потоа треба да се дадат и на професионалната комисија и на Обвинителството. Но мислам дека веќе постојат индиции дека тој што ја организира работата во болницата, требало да внимава и да не се случуваат такви работи“, кажа министерот.

    Директорот Трајановски за разрешувањето дозна од новинарите. Тој претходно не знаеше ни дека министерот е во Куманово, а изјавата на министерот прво беше закажана пред Кумановската болница, а потоа планот беше сменет и се одржа на Плоштадот во центарот на градот.

    На прашањето на САКАМДАКАЖАМ дали за смената знае коалицискиот партнер ВМРО-ДПМНЕ, Таравари, кажа дека знае.

    „Секако. Нон-стоп сме во координација со колицискиот партнер, каде што има грешки постојано бараме едни на други да има одредени промени и ги правиме“, кажа Таравари.

    Во Општата болница во Куманово завчера ненадејно починал Ведат Адеми од Куманово, откако примил терапија поради болки во стомакот.

    „Во 11:35 часот, во СВР Куманово од Општа болница Куманово било пријавено дека во болницата со влошена здравствена состојба бил донесен В. А. (32) од Куманово, по што му била дадена терапија и по кратко време починал. Полициски службеници од СВР Куманово извршиле увид и разговор со сите присутни медицински лица. Се работи на расчистување на случајот“, велат од МВР.

    Телото на починатиот е предадено на обдукција за да се утврдат причините за смртта.

    Семејството на момчето обвинува дека нивниот син починал поради лекарска грешка, бидејќи му била дадена инфузија со лек на кој е алергичен. Директорот д-р Трајановски вчера кажа дека тоа ќе го утврди комисија, која е формирана за да испита дали се испочитувани протоколите при третманот на пациентот.

    С. НИКОЛИЌ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира