ТАТКО И СИН ОД БОГДАНЦИ КРИУМЧАРЕЛЕ МИГРАНТИ ОД ГРЦИЈА ДО СРБИЈА ЗА 500-700 ЕВРА, УАПСЕНИ 11 ЛИЦА

    ТАТКО И СИН ОД БОГДАНЦИ КРИУМЧАРЕЛЕ МИГРАНТИ ОД ГРЦИЈА ДО СРБИЈА ЗА 500-700 ЕВРА, УАПСЕНИ 11 ЛИЦАМВР кажа дека групата во изминатите 10 месеци илегално префрлила над 100 мигранти (Фото: МВР/принтскрин)

    МВР во организирана акција откри криминална група која изминативе месеци нелегално пренесувала мигранти од грчката до српската граница.

    Станува збор за група од 12 члена, која во последните 10 месеци, според МВР, извршила криумчарење на над 100 мигранти по цена од 500 до 700 евра за лице. Како што кажа портпаролот на МВР Тони Ангеловски, мигрантите ги преземале во соработка со соработници од Грција и ги пренесувале преку илегални премини кај Гевгелија и Дојран. Потоа тие со патнички и товарни возила се транспортирале до Кумановско, каде што чекале да бидат префрлени во соседна Србија.

    „Организатори на групата се татко и син од Богданци, а им помагале и лица од Лојане и Скопје. Извршени се претреси на десет локации во Скопје, Кумановско, Штипско и Гевгелиско и приведени се 10 лица, а уште еден член на групата е во притвор за исто кривично дело. До Јавното обвинителство за организиран криминал ќе бидат поднесени кривични пријави“, рече Ангеловски.

    Ова е втора поголема група што МВР ја открива за една недела. На почетокот на октомври беше фатена шестчлена група од Богданци, Струмица и Гевгелија, која исто така вршела криумчарење на мигранти, главно од Авганистан, Пакистан и Ирак.

    Последниве месеци по патиштата на Југоистокот постојано беа откривани возила полни со мигранти, а во три сообраќајки со мигранти едно лице загина, а десетина беа повредени.

    В. ТРАЈКОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира