ТЕАТРИТЕ И ЦЕНТРИТЕ ЗА КУЛТУРА ЌЕ ДОБИВААТ ДЕЛЕГИРАН БУЏЕТ, НЕМА ВЕЌЕ ПОЕДИНЕЧНО ПАРИ ЗА ПРЕМИЕРА

    ТЕАТРИТЕ И ЦЕНТРИТЕ ЗА КУЛТУРА ЌЕ ДОБИВААТ ДЕЛЕГИРАН БУЏЕТ, НЕМА ВЕЌЕ ПОЕДИНЕЧНО ПАРИ ЗА ПРЕМИЕРАМинистерот за култура и туризам Зоран Љутков вчера на директорот и на вработените во Велешкиот театар им го врачи променетиот статут со кој веќе не е дел од Центарот за култура туку се враќа на основната театарска дејност. (Фото: Министерство за култура)

    Министерот за култура и туризам Зоран Љутков најави дека ќе се промени начинот на финасирање на програмските активности на Центрите за култура и театрите во Македонија. Наместо како што беше досега, да добиваат финансии поединечно за претстава за која конкурирале по јавниот повик за програми на Министерството за култура, тие  ќе добиваат одредена сума на средства, со кои тие ќе работат во текот на годината.

    „Се воведува делегиран буџет. Тоа значи дека за 2025  театарите ќе добијат одреден буџет, како што функционираат фестивалите. Ќе го добијат буџетот, ќе ги реализираат програмите со кои конкуруирале и на крајот од годината, директорите ќе поднесат извештај што сработиле. Можам да кажам дека Велешкиот театар ќе добие двојно поголем буџет за работа од лани“, кажа министерот Љутков при вчерашната посета на Театарот.

    Резултатите од конкурсот за Годишната програма за култура ќе се знаат на крајот на јануари.

    Љутков вчера на директорот на Велешкиот театар Жарко Спасовски му ја врачи промената на статутот на Националната установа за култура „Јордан Хаџи Констатнинов-Џинот“. Сега повторно е Велешки театар, односно, не е дел од Центарот за култура. Со оваа промена, институцијата се враќа на неговата основна дејност, театарската.

    „Исправаме неправда од 2004, по име сме Центар за култура, а од сега сме тоа што сме, театар ‘Јордан Хаџи Констатнинов-Џинот’“, рече Спасовски.

    „Во оваа инстиуција ја започнав актерската кариера, како аматер и потоа како професионалец. Велешки театар отсекогаш го носел името театар, не го користел името кое служело за други дејности. Поправаме еден превид од минатото, а на театарски Велес му го враќаме театарот во неговата вистинска институционална форма, затоа што во годините наназад, статутарниот назив Центар за култура ‘Јордан Хаџи Константинов-Џинот’ никогаш не заживеа и се занимаваше само со својата една и единствена дејност театар. Оваа промена им ја должевме на основоположниците на Велешкиот театар, од првата жена која стапнала на театарската
    сцена во Македонија Тинка Коларова, преку Прличко и Тодорче, сѐ до денешниот ансамбл на театарот. Со своето минато и сегашност, театарот ‘Јордан Хаџи Константинов-Џинот’ останува живо сведоштво за богатата културна историја на Велес и неговото значење како културно срце на Македонија“,  кажа министерот Љутков, а оваа промена актерите и вработените ја поздравија со долготраен аплaуз.

    Во 2004 е донесена одлука на тогашната Влада повеќето професионални театри во Македонија да се пререгистрират во Центар за култура, со што ја губат примарната дејност, театарот. За разлика од театрите во Куманово, Струмица, Штип, Прилеп, Велешкиот никогаш не ги примени другите форми – музичка, ликовна, фолклорна, филмска дејност, остана да работи како театар. Народниот театар „Јордан Хаџи Константинов-Џинот“ е формиран во 1948.

    П. ПЕЧКОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира