ТЕЛОТО НА ПОКОЈНА МАКЕДОНКА ОД АМЕРИКА МЕСТО ДО БРАЈЧИНО, ОДЛЕТАЛО ЗА ШПАНИЈА

    ТЕЛОТО НА ПОКОЈНА МАКЕДОНКА ОД АМЕРИКА МЕСТО ДО БРАЈЧИНО, ОДЛЕТАЛО ЗА ШПАНИЈАПокојната Стоја сакала да биде погребана покрај сопругот Борис, чие тело исто како нејзиното било транспортирано од Америка - гробиштата во Брајчино

    Покојната Стоја П. наместо да биде погребана во родното Брајчино завршила во Шпанија, раскажуваат жители од ова преспанското село. Велат дека станува збор за жена која починала на возраст од деведесет години која била родум од ова преспанско село, но со семејството одамна живеела во  Бафало, САД.

    Стоја пред да почине побарала од синот и снаата нејзиното мртво тело да го пренесат во родното село и да почива во гробот на сопругот Борис во црквата „Св. Никола“ во Брајчино. Таа починала овој месец, а нејзиното семејство сакајќи да ѝ ја исполни последната желба започнало процедура телото на покојната по пропишаните правила со авионски превоз да го пренесе во Македонија.

    Откако ангажирале компанија во САД која им помогнала околу процедурите за пренесување  на телото, синот и снаата тргнале за Македонија. Жители од Брајчино раскажуваат дека синот и снаата пристигнале побрзо од покојната, организирале сѐ што треба за погребот, но телото не дошло. За да дознаат што е работата се јавиле во компанијата во САД од каде им било соопштено дека е направена грешка и покојната наместо за Македонија отпатувала за Шпанија. Од компанијата се обиделе да ги убедат да не паничат  зашто телото ќе се препрати за Македонија.

    Семејството е во исчекување на покојната која откако ќе пристигне во родното село, ќе биде  погребана покрај својот сопруг Борис, кој исто така пред неколку години откако починал во Америка бил пренесен во Македонија и погребан во Брајчино.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира