ТЕТОВЧАНИ ТРАДИЦИОНАЛНО И ГОДИНАВА СЕ МАСКИРАА ЗА БАДНАТА ВЕЧЕР

    ТЕТОВЧАНИ ТРАДИЦИОНАЛНО И ГОДИНАВА СЕ МАСКИРАА ЗА БАДНАТА ВЕЧЕРВчеравечер во повеќе тетовски кафулиња можеше да се влезе единствено ако си маскиран.(Фото: СДК.МК)

    И оваа година тетовци останаа верни на традицијата и го организираа Бадниковиот маскенбал. Вчеравечер во повеќе тетовски кафулиња можеше да се влезе единствено ако си маскиран. А младите и оваа година покажаа голема имагинација и прекрасни креации кога станува збор за маскирањето.

    Годинашниов Бадникарски маскенбал први го отворија најмладите. Со првата приквечерина на градскиот плоштад се собраа стотина деца, сите маскирани и заедно во хор ја отпеаа бадникарската песна „Кој што спие нека стане“. Додека во другите градови на овој ден се пејат коледарски песни, тетовските деца одат во вечерните часови по куќите на роднините и соседите и ја пејат оваа песна, а за тоа добиваат, костени, јаболчиња, оревчиња и по некое париче. Оваа година собирањето на најмладите на градскиот плоштад беше за прв пат организирано, а беше најавено дека тоа ќе се организира и во наредните години.

    Улици на Тетово синоќа беа полни со маски. (Фото: СДК.МК)

    За разлика од нив, повозрасните исто така сите маскирани, се собираат по кафулињата и  со песна и дружење остануваат до раните утрински часови. А маските беа од најразличен вид, имаше поединечни, но и колективни.

    „Ова е навистина прекрасен обичај и јас секоја година учествувам на овој Бадникарски маскенбал, бидејќи ем што ни е убаво вака да се дружиме, исто така со ова сакаме да ја зачуваме и традицијата која е специфична за Тетово. Сите ние што вечерва сме овде маскирани, уште како деца одевме на Бадник по куќите и ја пеевме ‘Кој што спие нека стане‘, а сега вака како повозрасни, но повторно маскирани, ја продолжуваме таа убава тетовска традиција“, вели еден од учесниците на Бадникарскиот маскенбал.

    Додека во другите градови на овој ден се пејат коледарски песни, тетовските деца одат во вечерните часови по куќите на роднините и соседите и ја пејат песната „Кој што спир нека стане“. (Фото: СДК.МК)

    До пред некоја година за Бадник немаше маало во Тетово во кое не се палеше бадникарски оган. Годинава само во неколку места имаше запален бадников оган и се служеше посна бадникова трпеза.

    З. АНДОНОВ

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира