Општина Тетово реши да воведе уште една велосипедска патека во градот. Идејата беше добра, но реализацијата е катастрофална. Патеката е поставена на булеварот Илинденска, од Штуловиот универзитет до близина на Шарена џамија. Обележана е со црвена боја и оди од двете страни на булеварот, но набргу стана предмет на потсмев и критички коментари, зашто на велосипедската патека можат да се видат бетонски елементи, високи тротоари, а има и по некој контејнер.
„Има пречки како да ја играш ‘Супер Марио‘“, „Мене ми личи како Тетово да се подготвува за Олимпијадата во 2022 во дисциплината трка со пречки“, „Пред една година бев дел од групата која бараше велосипедска патека во Тетово, но вака не ја замислував“, се дел од коментарите на социјалните мрежи.
Реагираа и невладини здруженија и стручни лица.
„При изведување на велосипедските површини и ленти мора да се имаат предвид одредени правила кои треба да го одржат нивото на безбедност. На фотографиите можат да се забележат елементи на велосипедските ленти кои претставуваат пречки, контејнер за смет кој никако не смее да биде изведен на тој начин и да ја прекинува лентата, а рабниците не се спуштени на нивото на патеката. Она што може да се забележи е дека таа е прилично небезбедна и треба да се санира“, вели Зоран Ѓорѓевски, наставник по стручни сообраќајни предмети при државното училиште „Моша Пијаде“ во Тетово.
Од Општина Тетово велат дека велосипедската патека се уште нѐ е завршена, а овие пречки ќе бидат отстранети.
„На патеката сѐ уште се работи и ќе биде поставена низ целиот град. Контејнерите ќе бидат поставени на специјални простори и нема да претставуваат пречка за движење на велосипедистите“, соопштуваат од канцеларијата за односи со јавност на Општина Тетово.
Ова е втора велосипедска патека во Тетово. Првата е направена пред неколку години и оди долж булеварот Маршал Тито.
З. АНДОНОВ