ТЕТОВО ЈА ДОБИ ПРВАТА ПРОДАЖНА МАШИНА ЗА РЕЦИКЛИРАЊЕ ПЛАСТИЧНИ ШИШИЊА

    ТЕТОВО ЈА ДОБИ ПРВАТА ПРОДАЖНА МАШИНА ЗА РЕЦИКЛИРАЊЕ ПЛАСТИЧНИ ШИШИЊАМинистерот за животна средина Насер Нуредини (десно) меѓу гостите на пуштањето на првата вендинг машина во Тетово. (Фото: СДК.МК)

    Тетово ја доби првата продажна машина која им овозможува на граѓаните да го одложуваат отпадот од пластични шишиња и за тоа да добијат соодветен надоместок. Таа е поставена во еден од поголемите супермаркети во Тетово.

    Ова е седма продажна машина во земјава. Од фирмата „Пакомак“ на промоцијата рекоа дека тетовци добиваат еколошка алтернатива за одложување на отпадот, а за возврат да добиваат „зелени поени“ кои засега во можат да ги искористат за купување производи од маркетот, а во иднина и за плаќање на општински и јавни услуги.

    „Повратните вендинг машини се тренд во светот, особено во општествата каде се става поголем фокус на селектирањето и рециклирањето на отпадот. Меѓутоа, уникатноста на машините на ‘Пакомак’ е во системот за повратни поени кои ги добива секој кој го одложува отпадот во нив, кои ние ги нарековме ‘зелени поени’. Во зависност од тоа колкава количина на отпад ќе одложите, толку поени ќе добиете, а потоа ќе може да ги искористите за плаќање сметки, јавни услуги или за шопинг. Преку овој систем, стотина илјади евра би се вратиле на оние граѓани кои имаат совесен пристап кон селекција на отпадот“, изјави Филип Ивановски, генерален директор на „Пакомак“.

    Повратните продажни машини беа развиени од „Пакомак“, во соработка со Факултетот за електротехника и информациски технологии (ФЕИТ) и Фондот за иновации.  На пуштањето на првата вендинг машина во Тетово присуствуваше и министерот за животна средина Насер Нуредини.

    З. АНДОНОВ

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира