Во Тетово наскоро ќе биде предадена во употреба капела веднаш до градските православни гробишта. Така најави градоначалничката Теута Арифи на средбата со Митрополитот Тетовско-гостиварски Јосиф, која се одржа во седиштето на митрополијата во Тетово. Според Арифи, изградбата и опремувањето на капелата се завршени и требало само да се комплетираат некои административни процедури.
„За нас ова беше важен проект, кој е потребен за граѓаните. Инвестиравме девет милиони денари од Советот на Општина Тетово за проекти за верски заедници. Ние како Општина остануваме отворени за слични проекти кои се важни за потребите на граѓаните“, изјави Арифи.
Изградбата на градската капела траеше речиси три години и често беше предмет на судири помеѓу советниците од ВМРО-ДПМНЕ и Арифи во нејзиниот прв мандат. Иако не постоеше официјален документ, од советничката група на ВМРО-ДПМНЕ велеа дека изградбата на капелата била дел од меѓупартискиот договор помеѓу нив и ДУИ. За да обезбеди мнозинство во Советот на Општината, ДУИ му ветил на ВМРО-ДПМНЕ дека ќе изгради капела на православните гробишта и нова црква во долниот дел од градот, а несогласувањата настануваа бидејќи Арифи не се придржувала до овој наводен договор.
Но, не само со капелата, тетовци имаат уште поголеми проблеми со градските гробишта. Таму веќе нема слободни места, па починатите во последниве 10 години се закопуваат на новоизградените градски гробишта во село Фалише. Но, тие гробишта се наоѓаат во очајна состојба и се под секој критериум за достојно погребување. Нема речиси никаква инфраструктура, воопшто не се одржуваат, а не постои ниту црковен објект на нив.
„Доколку има иницијатива на населението, јас би поддржал изградба на еден таков објект во кој би се одржувале парастосите. Сепак, тоа треба да се направи и во соработка со Општина Тетово, бидејќи тоа е имот на Општината“, изјави владиката Јосиф.
Арифи вети дека ќе даде поддршка за доопремување на овие гробишта.
З. АНДОНОВ