Тетовци во овие летни горештини немаат голем избор каде да се разладат. Градот нема отворен базен, тука само еден помал од затворен тип, изграден преку проектот на Министерството за млади и спорт. Во минатото, при ваквите горештини младите најчесто одеа во горниот тек на реката Пена, во месноста Бањиче, но сега таа традиција како да е замрена.
Во Бањиче сега може да се сретнат само постари лица кои тука дошле да го користат благодатот од минералната вода која на неколку места извира во самото речно корито.
„Овде сум речиси секој ден. Малку се сончам, малку се лечам. Оваа вода многу ми помага и за стомачните проблеми, а добра ми е и за реумата. За жал, сè е оставено на импровизација, треба тука да се направи современ објект, некоја бања, а не вака да седиме среде река“, вели Хасан Хасани од Тетово.
Во Бањиче има и два извора на минерална вода која тетовци редовно ја користат. Но, поради сушата и намалениот водотек, оваа вода станува бактериолошки неисправна. Од Центарот за јавно здравје предупредуваат водата да не се користи за пиење, но малкумина го почитуваат ова предупредување.
„Сè додека не се добијат негативни резултати, се препорачува да не се користи водата за пиење од двата изворе во месноста Бањиче. Што се однесува до квалитетот на водата во река Пена во овој дел од реката, според последните анализи кои ги направивме, таа е многу чиста и е од втора категорија, што значи може да се користи за капење. Единствено во делот од реката Пена кој поминува покрај Клиничката болница имаме мало намалување на квалитетот на водата, но тоа најверојатно е поради некој див приклучок на канализација кој отпадните води ги испушта директно во реката“, вели д-р Ратко Давидовски, специјалист по хигиена и здрава екологија при Центарот за јавно здравје во Тетово.
За загадувањето на изворите со минерална вода, од Центарот за јавно здравје апелираат да не се користи водата за пиење од изворот под болницата во село Лешок, бидејќи во неа се регистрирани отпадни материи и бактерии.
Во Тетово сè уште нема голем отворен базен, на тетовци ако сакаат малку да се разладат и да пливаат, мора да одат во околните села каде има изградено неколку убаво опремени базени на отворено. Па, ако нема базени барем има доволно вода за туширање. Засега градот, иако има зголемена потрошувачка, добро е снабден со вода за пиење и нема рестрикции, кои беа карактеристични во минатите години, а квалитетот на водата за пиење Центарот за јавно здравје го контролира секојдневно и е добар.
З. АНДОНОВ