ТЕТОВО СЕ ДАВИ ВО ЃУБРЕ, А КОМУНАЛЕЦ РАБОТИ САМО НАВЕЧЕР ПОРАДИ СООБРАЌАЈНИОТ ХАОС ВО ГРАДОТ

    ТЕТОВО СЕ ДАВИ ВО ЃУБРЕ, А КОМУНАЛЕЦ РАБОТИ САМО НАВЕЧЕР ПОРАДИ СООБРАЌАЈНИОТ ХАОС ВО ГРАДОТ„Голема пречка за нас е енормно зголемениот сообраќај по тетовските улици, па преку ден е речиси невозможно по нив да се движиме со нашите големи камиони за собирање смет и затоа сме приморани во поголемиот дел од градот сметот да го собираме само навечер, да работиме само во трета смена“, вели Џелал Цека, директор на ЈКП „Тетово“ (Фото: СДК.МК)

    Тетово во овие летни месеци е затрупано со ѓубре. Контејнерите се преполни и се шири напријатна миризба од течностите кои се слеваат под нив. По обичај, вината за ваквата состојба во градот тетовци ја бараат кај Јавното комунално претпријатие кое и овојпат, како и во годините пред оваа, не може да се справи со големите количини смет кои се создаваат во градот во летните месеци.

    Честите дефекти кои се јавуваат на камионите за собирање на сметот и на опремата од претоварната станица се оти граѓаните во контејнетите фрлаат сè и сешто, од бетонски блокови, цигли, до дрвенарија и метални предмети (Фото: СДК.МК)

    „Овие два месеца, јули и август, за нас комуналците се најтешки. Ако во останатиот дел од годината собираме околу 150 тони смет дневно, сега дневно се насобираат од 280 до 300 тони смет. Така е секогаш во овој период. Причината за тоа е што доаѓаат многу наши сонародници кои работат во странство и овде го минуваат летниот одмор. Исто така, ова е период на голем број свадбени и други семејни веселби што исто така придонесува за зголемување на дневната количина на смет. Се трудиме колку можеме, но нашите капацитети се толкави. Исто така, голема пречка за нас е енормно зголемениот сообраќај по тетовските улици, па преку ден е речиси  невозможно по нив да се движиме со нашите големи камиони за собирање смет. Во тој случај би направиле уште поголем сообраќаен хаос. Затоа сме приморани во поголемиот дел од градот сметот да го собираме само навечер, односно да работиме само во трета смена“, вели Џелал Цека, директор на ЈКП „Тетово“ од Тетово.

    Жители се крајно револтирани, но вината редовно ја бараат кај тетовските комуналци, а ретко и кај себе (Фото: СДК.МК)

    И додека сметот во одредени улици со денови седи некренат, тетовските комуналци имаат уште еден проблем. Со расчистување на дивата депонија на влезот од градот, сметот почна да се носи на претоварната станица каде со современа опрема се пресува и во контејнери се носи во депонијата Дрисла во Скопје. Но на оваа претоварна станица често пати се јавуваат дефекти, кои придонесуваат околу неа за кратко време да се создаде уште една дива депонија.

    „Честите дефекти кои се јавуваат на нашите камиони за собирање на сметот и на опремата од претоварната станица е поради тоа што граѓаните во контејнетите фрлаат сè и сешто, од бетонски блокови, цигли, до дрвенарија и метални предмети. Тоа придонесува за честите дефекти кај опремата. Затоа, често се случува да не успееме сметот да го кренеме на време, па во одделни реони и улици се среќаваат преполни контејнери со смет“, вели Цека.

    Поради ваквата состојба во градот неговите жители се крајно револтирани. Вината редовно ја бараат кај тетовските комуналци, а ретко и кај себе.

    „Да, тетовските комуналци треба позасилено да работат, посебно во овие летни месеци. На овие горештини не смее да се дозволи преполнетите контејнери со денови да седат неиспразнети. Тие се вистинско легло на зараза а за непријатниот мирис кој се жири од нив и да не зборувам. Ако немаат доволно опрема нака ангажираат од страна, тоа е нивна работа и должност. Впрочем, нели ги плаќаме сметките за да имаме чист град, а не ваков. Но, јас мислам дека за ваквата состојба и ние како жители на овој град сносиме голем дел од вината. Неретко се случува сметот да се фрла покрај контејнерот наместо во него. Се фрла во контејнерите сè и сешто. Еве, пред некој ден овој контејнер беше преполн со градежен шут. Некој си го реновирал станот и циглите, бетонот и дрвенаријата без тронка срам ги фрлил во контејнерот. И после се лутиме, не бил чист градот. Со ваква наша неодговорност нема никога ни да биде чист“, вели жител на една тетовска зграда кој нé повика да го снимиме насобраниот смет околу контејнерите во неговата улица.

    З. АНДОНОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира