Во Тетово веќе неколку месеци работи градскиот јавен превоз, но дел од жителите и понатаму се однесуваат како тој да не постои. Освен што ретко го користат па автобусите на своите релации често пати се движат полупразни, некои тетовцивозилата ги паркираат на автобуските постојки и крајно го отежнуваат движењето на автобусите. За да се спречи ова, ЈП „Тетово транспорт“ најави дека ќе почне да објавува фотографии на возила кои се паркираат непрописно и со тоа го блокираат јавниот превоз во градот.
„Сите постојки се редовно блокирани од несовесни возачи кои мислат дека тука да се паркираат како сакаат. СВР-Тетово имаше обиди за контрола, но и од тоа немаше некој посебен ефект. Доцнењето на автобусите не е поради невнимание или негрижа на нашите возачи, туку причината за тоа се пaркираните возила кои упорно го блокираат сообраќајот низ Тетово. Затоа, сите возила кои се паркираат на местата предвидени за автобуските постојки на ЈП Тетово транспорт ќе бидат фотографирани, а фотографиите, на кои ќе можат да се видат и нивните регистарски таблички, ќе бидат јавно објавени. Ова е опомена до сите активни учесници во сообраќајот”, соопшти „Тетово транспорт“.
Од СВР Тетово велат дека прават напори и постојано се присутни на тетовските улици да ги санкционираат возачите кои непрописно ги паркираат возилата. Според нивната евиденција, за деветте месеци од оваа година, со специјалното возило на пајак-службата биле подигнати 2.792 непрописно паркирани возила.
З. АНДОНОВ