Дивата депонија на влезот во Тетово и понатаму преставува болна точка на градот. Најавите дека таа брзо ќе се расчисти откако беа тргнати блокадите кон регионалната депонија Русино, не се остварија. Навистина може да се забележи дека на неа има нешто помалку смет, но и тој што е таму преставува потенцијална опаасност за градот, бидејќи се наоѓа само на неколку стотини метри од најблиските згради. Тетовци постојано реагираат на присуството на депонијата но нивниот глас по се изгледа се губи во брдата од смет.
„Јас секој ден проаѓам овде покрај депонијата и не гледам некоја промена. Купиштата ѓубре се насекаде, а најмногу овде покрај пругата. Но, освен ѓубре овде почнаа да доаѓаат камиони, најверојатно од приватни градежни фирми, кои растовараат градежен шут. Како почнале, наскоро и пругата ќе ја затрупаат“ вели шеесетгодишниот Максут, кого го затекнавме кај депонијата заедно со неговиот пријател Муарем.
„Навистина не може вака да се остава ѓубрето. Реата која доаѓа од депонијата е неподнослива. Мора да направат некој затворен објект или веднаш да се носи на депонијата во Гостивар. Ама кој да го направи тоа?“, се надоврзува на разговорот Муарем.
Најверојатно единствени кои на некој начин се „радуваат“ на депонијата се неколкуте ромски семејства кои тука собираат пластика и отпадно железо. Не се многу расположени за разговор. Забрзано ги пребаруваат камионите на ЈКП кои тука го депонираат сметот.
„Ние од ова ѓубре заработуваме пари за да можеме да ги прехраниме нашите семејства. Ако ја затворат депонијата, од што ќе живееме? Ова е тешка работа ама ние сме навикнале“, вели триесетгодишниот Шаип додека со неговата жена и неколку роднини пребаруваат низ купиштата смет.
Од ЈКП Тетово денес не можевме да добиеме одговор зошто депонијата не е сосем исчистена бидејќи раководните лица биле на состаноци.