ТЕТОВСКАТА ПОЛИЦИЈА ЗА 11 МЕСЕЦИ ИЗРЕКЛА НАД 10.800 КАЗНИ ЗА БРЗО ВОЗЕЊЕ

    ТЕТОВСКАТА ПОЛИЦИЈА ЗА 11 МЕСЕЦИ ИЗРЕКЛА НАД 10.800 КАЗНИ ЗА БРЗО ВОЗЕЊЕВо зависност од големината на пречекорувањето, казните се движат од 45 до 400 евра (Фото: СДК.МК)

    На тетовските и гостиварските патишта брзо се вози, а тоа го потврдува и СВР Тетово. За 11 месеци од 2023 биле изречени над 10.000 казни за возење над дозволената брзина.

    Автопатот Скопје-Тетово-Гостивар е делницата на која несовесните возачи најбрзо возат, но и каде што најмногу се казнувани.

    „Во изминатите 11 месеци, службениците на СВР Тетово изрекле 10.846 мерки за пречекорена брзина на возилата кои се движеле на тетовско-гостиварското подрачје. Од нив, на тетовското подрачје биле изречени 6.891, а на гостиварското 3.955 мерки. Најголемиот број пречекорувања на максимално дозволената брзина биле регистрирани надвор од населено место, особено на автопатот Гостивар-Тетово-Скопје, магистралата Гостивар-Кичево и на околните регионални патишта“, соопшти портпаролот на СВР Тетово, Марјан Јосифовски.

    Меѓу овие несовесни возачи има и такви кои возеле со брзини над 150, па и над 200 километри на час. Но, колку е поголемо пречекорувањето на дозволената брзина, толку е повисока и казната.

    „На сите прекршители им се изготвени соодветни поднесоци со парични глоби, кои, зависно од големината на пречекорувањето, се движат од 45 до 400 евра во денарска противвредност. На оние кои ја пречекориле брзината за повеќе од 50 км/час во населено, односно 70 км/час надвор од населено место времено ќе им бидат одземени нивните возачки дозволи“, надополнува Јосифовски.

    Од полициската станица за безбедност на сообраќајот велат дека во изминатиот период успеале со редовни и вонредни контроли да го намалат бројот на прекршоците за пречекорување на брзината, но има уште многу да се работи на ова.

    „За разлика од минатите години, оваа имаме само една сообраќајна незгода со жртва, додека на автопатот Тетово-Гостивар не е забележана потешка несреќа. Вршиме редовни и акциски контроли, како и контроли со ноќен радар. Најмногу работа имаме во летните месеци, кога на тетовското и гостиварското подрачје доаѓа голем број иселеници. Во август оваа година имавме случај кога само во еден ден наплативме прекршоци во висина од неколку илјади евра за брзо возење“, вели Зоран Талев, командир на полициската станица за безбедност на сообраќајот.

    З. АНДОНОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира