Дали водата за пиење во Тетово е исправна за пиење или не, е дилемата која веќе два дена ги мачи тетовци, оти од вчера водата од градскиот водовод е со крајно непријатен вкус. Од Центарот за јавно здравје на Тетово уште вчера попладнето излегле на терен и ги направиле првичните анализи и го смируваат населението дека според првичните анализи нема отстапувања од нормалните вредности.
„Од оние анализи на водата за пиење што досега ги направивме во нашата лабораторија не се забележани никакви отстапувања. Водата бактериолошки е исправна за пиење, а и физичко-хемискиот состав е во рамките на нормалните вредности. Останува да се завршат уште неколку анализи за кои треба подолг период на обработка. Освен ова, мостри од водата испративме на дополнителна анализа во лабораторијата во Скопје каде ќе се изврши проверка на присуство на пестициди, и паразитолошка анализа бидејќи ние тие параметри не можеме тука да ги обработаме. Од каде произлезе овој непријатен вкус и за нас е голема енигма. Најверојатно станува збор за промена на некоја физичко-хемиска особина која може да биде и во енормно мали количини, но да предизвика промена на вкусот на водата“ изјави Ратко Давидовски од Центарот за Јавно здравје во Тетово.
Ниту од јавното комунално претпријатие „Тетово“ немаат информации за причините за непријатниот вкус на водата. Од таму само кратко соопштуваат дека дека деновиве немале сериозни дефекти кои би предизвикале вакви промени во вкусот на водата.
Пред неколку недели, со пуштање во работа на пречистителната станица и официјално во употреба беше пуштен новиот цевковод кој до градот кој треба да донесе дополнителни 250 литри вода во секунда. Во пречистителната станица е инсталирана најсовремена технологија за пречистување на водата која преку цевководот се носи од горните текови на реката Пена.
Дали тука лежи причината за променетиот вкус на водата или во прашање е некоја сосем друга причина се очекува повеќе да се знае во текот на утрешниот ден, кога ќе пристигнат деталните анализи од Скопје. Дотогаш на Тетовци им се препорачува од превентива наместо водата од градскиот водовод за пиење да користат флаширана вода.
З. АНДОНОВ