ТЕТОВСКАТА ВОДА ЗА ПИЕЊЕ ПОВТОРНО ИМА НЕПРИЈАТЕН МИРИС И ВКУС

    ТЕТОВСКАТА ВОДА ЗА ПИЕЊЕ ПОВТОРНО ИМА НЕПРИЈАТЕН МИРИС И ВКУСЦентарот за јавно здравје вели дека водата е исправна за пиење, но непријатниот мирис и вкус сезонски доаѓаат од паднатите лисја од дрвјата во водите на Пена кај Лешница, од каде се зема вода за новиот водоснабдителен систем. (Фото: СДК.МК)

    Шест години по ред, откако се направи новиот водоводен систем која зафаќа вода од реката Пена, секогаш во овој период од годината тетовската вода за пиење има непријатен мирис и вкус. Ова прв пат беше забележано во 2017, неколку месеци по пуштањето на новиот водоводен систем, и тогаш предизвика голема тревога кај населението. Сепак, по направените анализи од Центарот за јавно здравје, се утврди дека водата е исправна за пиење. Тогаш за првпат се утврди дека непријатниот мирис и вкус доаѓаат од паднатите лисја од дрвата во водите на Пена кај месноста Лешница, од каде се зема вода за новиот водоснабдителен систем. Оттогаш оваа појава се случува секогаш во овој период од годината.

    „Првичните бактериолошки и хемиско-физички анализи се добри и водата е безбедна за пиење. Ако на граѓаните не им е пријатна вака водата, да не ја употребуваат во наредните неколку дена. Искуството од минатите години покажа дека невообичаениот мирис и вкус по неколку денови ќе исчезнат. Оваа појава минатите години се надминуваше и со засилено хлорирање на водата“, вели д-р Ратко Давидовски од Центарот за јавно здравје во Тетово.

    Според неговите информации, ова не е случај само со водоводот во Тетово, туку вакви примери имало и во други места во светот.

    „Во светската теорија и пракса постојат вакви примери кога за водоснабдување се користат површински води, како што е со новиот водоснабдителен систем кој зема вода од планинските реки. За да се надмине овој проблем во филтер-станицата на тетовскиот водовод треба треба да се применува озонирање на водата или пак да се вгради јагленов филтер со што може да се отстрани непријатниот мирис и вкус“, вели д-р Давидовски.

    Во моменто, тетовскиот водовод има околу 300 литри вода во секунда од кои 200 од стариот водоводен систем кој зема вода од шарпланинските извори и 100 литри од новиот водоснабдителен систем кој зафаќа вода од Пена кај Лешница.

    З. АНДОНОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира