ТЕТОВСКИТЕ КОМУНАЛЦИ ПОВТОРНО ШТРАЈКУВААТ ОТИ НЕ ГИ ДОБИЈА ВЕТЕНИТЕ ПЛАТИ ШТО ДОЦНАТ 3 МЕСЕЦИ

    ТЕТОВСКИТЕ КОМУНАЛЦИ ПОВТОРНО ШТРАЈКУВААТ ОТИ НЕ ГИ ДОБИЈА ВЕТЕНИТЕ ПЛАТИ ШТО ДОЦНАТ 3 МЕСЕЦИРаботниците велат дека нема да интервенираат при дефекти на водоводната мрежа додека не си ги добијат парите. (Фото: СДК.МК)

    По којзнае кој пат, тетовските комуналци излегоа на штрајк барајќи ги заостанатите плати. Овојпат работата ја прекинаа работниците од работната едоноца „Водовод и канализација“. Оние работници од оваа единица кои се со решение плата не зеле два и пол месеци, а работниците кои се со договор за дело немаат земено плата три месеци. Најавуваат дека нема да интервенираат при дефекти на водоводната мрежа додека не си ги добијат парите.

    „Иако сме со решение за редовно вработување, веќе два и пол месеци не сме зеле плата. Решени сме да не излегуваме на терен се додека не ги земеме платите што ни следуваат. Не бараме покачување туку си го бараме она што ни следува. Доста ни е со лажење дека овој месец ќе има плата, па ќе има наредниот и така во недоглед. Ние што сме со решение немаме земено плата два и пол месеци, а тие што се со договор немаат земено плата за три месеци. Работниците од работната единица ‘Комунална хигиена’ кои се со договор зедоа плата за октомври, но ние од ‘Водовод и канализација’ немаме добиено плата. Ваква е состојбата трае веќе 10 години, значи уште од времето кога Теута Арифи беше градоначалничка на Тетово“, вели Сервет Алити, вработен во „Водовод и канализација“.

    Од раководството на ЈКП „Тетово“ им ветиле дека наредниот вторник ќе им пуштат плата, бидејќи имале проблеми со трезорската сметка во УЈП. За надминување на ваквата тешка финансиска состојба Советот на Општина Тетово неодамна донесе одлука, покрај ЈКП „Тетово“, да се формираат уште две јавни претпријатија, „Шари“ за снабдување со вода и „Оанеум“ за собирање смет, надевајќи се дека така ќе успеат финансиски да се консолидираат.

    „Со одлуката на Советот се отвораат две можности, нешто што го имаат направено 70 отсто од другите градови и општини низ државата. Ние дури и доцниме. Во Скопје посебно функционираат ‘Комунална хигиена’, ‘Водовод’, ‘Зеленило’. И Битола има јавно претпријатие кое се занимава со водовод и јавно комунално претпријатие кое се занимава со комунална хигиена и ‘Нискоградба’ за канализација за подземни инфраструктурни изведби. Со ваква поделба на водовод и канализација и комунална хигиена се надеваме дека ќе се подобри начинот на менаџирање на тие две дејности“, вели Љуљзим Шаќири, раководител на „Водовод“.

    ЈКП „Тетово“ е едно од најзадолжените јавни претпријатија во Општина Тетово, со долгови од 10-12 милиони евра кон разни институции и добавувачи.

    З. АНДОНОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира