ТЕТОВСКИТЕ НЕВЛАДИНИ АКТИВИСТИ СОБИРААТ ПОТПИСИ САМО ЗА ЛИСТА НА СОВЕТНИЦИ НА ЛОКАЛНИТЕ ИЗБОРИ

    ТЕТОВСКИТЕ НЕВЛАДИНИ АКТИВИСТИ СОБИРААТ ПОТПИСИ САМО ЗА ЛИСТА НА СОВЕТНИЦИ НА ЛОКАЛНИТЕ ИЗБОРИМеѓу кандидатите за советници на листата на „Подобро Тетово“ има повеќе граѓански и еколошки активисти кои до сега често пати ја критикуваа локалната власт за нејзиниот неодговорен однос како кон екологијата, така и кон урбанизацијата на градот. (Фото: СДК.МК)

    Листата на граѓанската иницијатива „Подобро Тетово“ денеска до Државната изборна комисија ја доставија листата со советници за Советот на Општина Тетово за собирање потписи за локалните избори кои ќе се одржат на 17 октомври. Листата ја сочинуваат 31 кандидат за советник, а носител е Хамди Сулејмани, невладин активист во движењето „Спас за Попова Шапка“.

    „Сега е моментот кога голем број независни луѓе, кои се политички неопределени да ги поддржуваат овие независни листи и нивните активности. Ние ќе се залагаме за три главни работи, прво за почист град, второ за планиран, уреден град и трето за транспарентност во работата на Советот на Општината. Не одиме со кандидат за градоначалник туку ќе настапиме само со листа на Советници. Нашите кандидати не се политички определени, тоа се успешни луѓе, професионалци и активисти кои се бореле за овој град, а ќе се борат и понатаму“, изјави Хамди Сулејмани, носител на листата.

    Меѓу кандидатите за советници на листата на „Подобро Тетово“ има повеќе граѓански и еколошки активисти кои до сега често пати ја критикуваа локалната власт за нејзиниот неодговорен однос како кон екологијата, така и кон урбанизацијата на градот. Според етничкиот состав, нивната советничка листа ја сочинуваат само Албанци.

    „На нашата листа над 40 проценти се жени, како што налага Законот, но според етничкиот состав неа ја сочинуваат само Албанци. Нашиот повик беше отворен, направивме повеќе контакти со македонските невладини активисти. На почетокот кај некои од нив имаше заинтересираност и тие да бидат дел од советничката листа, но сите во меѓувреме се откажаа“, појаснува Сулејмани.

    З. АНДОНОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира