Секоја сабота десетина лица со попреченост од Тетово напорно тренираат заедно со нивниот тренер Ифраим Љута. Тие се подготвуваат за претстојната Специјалната олимпијада во атлетика за лица со лесна интелектуална попреченост која следната година ќе се одржи во Германија. По големиот успех кој го постигнаа тетовските атлетичари на последната ваква Олимпијада во Абу Даби, од каде се вратија со два сребрени и два бронзени медали, желбата да се повтори овој успех е огромна. Иако сите се подготвуваат, поради новите правила ќе може да учествува само еден од нив.
„Покрај редовниот тренинг на кој може да учествуваат сите деца со попреченост, ние посебно се подготвуваме за претстојната Специјална олимпијада која ќе се одржат во јули во Берлин. Од Тетово ќе биде избран само еден учесник кој ќе може да учествува и да ја претставува Македонија. Тој ќе се натпреварува во дисциплините трка на 50 метри и скок во далечина од место. Очекувам до крајот на месецот да се одреди учесникот“, вели тренерот на тетовската екипа Ифраим Љута.
На последната ваква Олимпијада во екипата на Македонија, покрај другите дисциплини, имаше 5 претставници во атлетика, но според добиената квота од организаторот Македонија ќе има само двајца атлетичари, еден во женска конкуренција и еден во машка кој ќе биде од екипата од Тетово.
Тренерска активност Ифраим Љута, кој е лице со тешко оштетен вид, заедно со неговите помошници Елмедин Шабани, Елмедин Мустафа и Ветон Бафтијари, ја обавува волонтерски бидејќи не наоѓа поддршка од институциите. Единствено подготовките и учеството ги покрива организацијата Специјална олимпијада Македонија.
„На локално ниво немаме помош. Аплициравме со еден минимален проект, но не одбија, па дури не нé информираа зошто нé одбиле. Но, и покрај ова ние продолжуваме понатаму и еве веќе десетта година како работиме чисто на волонтерска основа. Секако, да имавме финансиска помош, тоа сигурно ќе го правевме на повисоко ниво. За среќа имаме добра соработка со организацијата Специјална олимпијада со која реализиравме неколку проекти, а тие исто така ги покриваат трошоците за подготовка за учество на нашите претставници на Светска специјална олимпијада.
Светска специјална олимпијада ќе се одржи наредната година во Германија во Берлин од 17 до 25 јуни. На неа се очекува да учествуваат над 7.000 учесници од 170 земји од светот.
З. АНДОНОВ