ТЕТОВСКИТЕ ПОЖАРНИКАРИ ДОБИЈА ОПРЕМА ЗА ИНТЕРВЕНЦИИ ПРИ ЗЕМЈОТРЕСИ И ТЕШКИ СООБРАЌАЈНИ НЕЗГОДИ

    ТЕТОВСКИТЕ ПОЖАРНИКАРИ ДОБИЈА ОПРЕМА ЗА ИНТЕРВЕНЦИИ ПРИ ЗЕМЈОТРЕСИ И ТЕШКИ СООБРАЌАЈНИ НЕЗГОДИТетовските пожарникари се задоволни и велат дека и до сега имале ваква опрема, но таа е постара и не е така функционална како оваа. (Фото: СДК.МК)

    Тетовските пожарникари на последниот ден од годината добија современа опрема за интервенции при сообраќајни несреќи на тешки возила, а оваа опрема може да послужи и при спасување човечки животи при елементарни непогоди како земјотреси или свлечишта. Опремата, која е од две светски познати фирми, е донација од Дирекцијата за заштита и спасување.

    „Опремата која денес ја подаруваме е посебно наменета за подигање на предмети со голема тежина. Станува збор за водушни перничиња кои, со употреба на компримиран воздух, можат да подигнат предмети до 25 тони. Има три такви перничиња и тие может да се постават едно над друго со што и се зголемува и тежината која вака може да се подигне. Со оваа опрема може да се подигаат срушени ѕидови, превртени потешки моторни возила како камиони и автобуси. Нашиот регион е доста сеизмички активен, имаше земјотреси во Албанија, еве сега и во Хрватска, затоа и е потребна ваква опрема која може да послужи и во интервеции при земјотреси“, изјави Беким Максути, директор на Дирекцијата за заштита и спасување.

    Тетовските пожарникари се задоволни и велат дека и до сега имале ваква опрема, но таа е постара и не е така функционална како оваа.

    „Оваа опрема што ни е дадена е многу потребна при елементрани непогоди и тешки сообраќајни незгоди и сега ќе можеме поефикасно да ги извршуваме нашите задачи. Досега имавме слична опрема но, оваа е понова и далеку поефикасна. Веднаш по новогодишните празници очекуваме да започне и обука на нашите пожарникари за ракување со опремата“, вели Сашо Трајчевски, заменик командир на противпожарната единица во Тетово.

    З. АНДОНОВ

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира