ТЕТОВСКИТЕ ПОЖАРНИКАРИ СПАСИЈА 11 ПАТНИЦИ ОД КОМБЕ ЗАГЛАВЕНО ВО ПОПЛАВЕНИОТ ПОДВОЗНИК КАЈ ЖЕЛИНО

    ТЕТОВСКИТЕ ПОЖАРНИКАРИ СПАСИЈА 11 ПАТНИЦИ ОД КОМБЕ ЗАГЛАВЕНО ВО ПОПЛАВЕНИОТ ПОДВОЗНИК КАЈ ЖЕЛИНОВо интервенцијата учествувале четворица пожарникари кои успеале безбедно да ги извлечат патниците и возачот од комбето. (Фото: СДК.МК)

    Силниот дожд кој интензивно паѓаше вчера попладне, а посебно во вечерните часови, повторно предизвика поплави во делови од Тетово и околните населби. Водата навлезе во дворовите и подрумските простории во повеќе куќи во оние делови од градот кои беа поплавувани и при изминатите поројни дождови.

    Најмногу повици имало од Мала и Голема Речица од каде од поплавените подруми пожарникарите со пумпи ја извлекувале водата. Во градот беа поплавени неколку сообраќајници, пред сè во долниот дел од градот, па сообраќајот се пренасочуваше по околните улици.

    Сепак, најкритично било во Желино каде во подвозникот по кој поминува локален пат во насобраната вода се заглавило комбе во кое имало 11 патници. Поради висината на водата патниците не можеле да излезат од возилото, па биле повикани пожарникарите од Тетово. Во интервенцијата учествувале четворица пожарникари кои успеале безбедно да ги извлечат патниците и возачот од комбето.

    „Имавме повеќе од 20 повици од граѓаните што им се поплавени куќи, дворови, подруми. Сите поплавени куќи се во селата Мала Речица и Голема Речица, како и неколку подвозници во градот и во другите општини. Најкритично беше кај подвозникот во Желино од каде добивме информација дека се заглавило едно комби возило полно со патници. Таму испративме четворица пожарникари со специјално возило со кое успеавме да го извлечеме комби возилото сосе патниците во него. Немаше повредени лица. Покрај ова, пожарникарите во Тетово интервенираат кај подвозниците на излез од градот и во градот каде што има два вакви подвозници“, изјави Авни Амети, командир на Територијалната противпожарна единица Тетово.

    Покрај ова, тетовските пожарникари интервенирале поради поплавени подруми и во населбата Деребој поради излеана фекална канализација.

    З. АНДОНОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира