Новата автобуска станица во Охрид почна со работа со уникатни тоалети. Меѓуградската автобуска станица почна да работи во петокот, а она што најмногу привлече внимание кај граѓаните и гостите се тоалетите кои се за групна употреба. Во женските тоалети меѓу веце шољите нема прегради. Гостите кои викеднов пристигнале во Охрид зачудени биле од новото решение и коментирале дека направени се тоалети за групна употреба.
Вработените на автобуската станица им рекле дека тоалетите ќе добијат прегради односно дека овој дел уште не е довршен, но наскоро и тоа ќе биде завршено.
Новата меѓуградска автобуска станица,сместена на излезот од Охрид во правец на Битола, беше пуштена во употреба без свечено отворање, а ја градеше приватен инвеститор.
„Автобуската станица почна со работа на задоволство на граѓаните на Охрид и на гостите кои доаѓаат со автобуси во нашиот град. Локалната власт очекува од инвеститорот покана за свечено пуштање во употреба”, ни рекоа кусо од Општина Охрид.
Во Општината велат дека овој современ објект на Охрид ќе му обезбеди значајна промоција како туристички центар, бидејќи гостите кои пристигнуваат во градот сега ќе имаат можност да користат современ терминал, наместо неколку дотраени бараки кои досега ја чинеа автобуската.
Камен темелникот на новата автобуска станица беше поставен во ноември 2016 година. Најавено беше дека ќе чини околу седум милиони евра. Во рамките на терминалот ќе има бензинска пумпа и трговски центар и други објекти. Инвеститор е фирмата „Делфина турс”. Планирано е целиот комплекст да биде готов за четири години. Автобуската станица се простира на површина од околу 1.000 метри квадратни, а комплексот ќе располага со вкупно 12.000 метри квадратни.
А. АНТЕВСКА