Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски денеска беше во Општина Тетово каде имаше средба со градоначалникот Билал Касами. По средбата тој најави засилени активности на полицијата и општинските служби за намалување на сообраќајниот хаос во градот, како и тоа дека Тетово меѓу првите градови во државата ќе биде вклучен во системот „Сејф сити“.
„Се надевам дека од наредната недела ќе започне имплементацијата на еден нов план кој ќе треба да даде ат хок решение. Најавувам засилени полициски контроли и засилени полициски проверки, во соработка со пајак службата на Општина Тетово, во делот на сите клучни витални сообраќајници во рамките на Општината. Ова го објавуваме превентивно заради тоа што нашата цел не е казнување, како репресија, туку нашата цел е пред сѐ превенција и функционалност на сообраќајниците во Тетово. Градот е нефункционален во делот на проток на возилата по главните сообраќајници. Во соработка со градоначалникот и Општината, пајак службата и началникот на СВР Тетово, од наредната недела ќе постапуваме максимално интензивно во овој дел. Во однос на оние системски решенија кои ги правиме, градоначалникот на Тетово имаше добри предлози за подобрување на системот и имплементацијата на „Сејф сити“, рече министерот Тошковски.
Општина Тетово е една меѓу првите Општини во која ќе почне да се применува системот „Сејф сити“ од кој се очекува во голема мера да го намали сообрачајниот хаос во градот и непочитувањето на сообраќајните правила.
„Разговаравме во рамките на измените на законот и во рамки на проектот ‘Безбеден град’ да се инкорпорираат и неколку законски решенија со кои долгорочно ќе го решиме проблемот со блокираните јавни површини во делот на јавните патишта и тротоарите од несовесните возачи кои паркираат каде што не им е местото. Исто така разговаравме долгорочно и за други прашања кои се од важност за нашите сограѓани во делот на тоа што е заедничка надлежност меѓу Министерството за внатрешни работи и Општина Тетово“, рече градоначалникот на Општина Тетово Билал Касами.
Министерот Тошковски најави дека наскоро со промена на Законорт за МВР ќе може припадниците на МВР кои работат по канцеларии, а такви ги имало многу да може да бидат акгажирани на терен, поради недостаток од полицајци.
„ Ако ме прашате дали има доволен број на вработени полициски службеници во увидна екипа, во сообраќајните екипи и слично, ќе кажам нема, но ако ме прашате за овие другиве комотни позиции, како началници, менаџери, и други позиции во Министерството, таму има превработеност. Работиме на нов Закон за Внатрешни работи со нова систематизација која ќе овозможи максимално рационално и ефикасно трошење на парите на граѓаните. Полицајците треба да бидат видливи на терен, а за да бидат видливи треба да има што помалку спијачи во министерството, а повеќе работници“, кажа Тошковски.
Министерот Тошковски исто така истакна дека платата на вработените во МВР која ќе ја земат во април, ќе се зголеми за околу 10 проценти и дека ова ќе било првото покачување на платата во Министерството, а во наредниот период ќе има континуирано зголемување на платите на полициските службеници, посебно на оние кои го изложуваат својот живот на ризик.
З.АНДОНОВ