ТРИ ГОДИНИ ЧЕКА РЕСТАВРАЦИЈА СПОМЕНИКОТ НА ПРЕСПАНСКОТО СОВЕТУВАЊЕ ПРЕД АСНОМ, ОТИ БИТОЛСКИОТ МУЗЕЈ НЕМА ИСТОРИЧАР

    ТРИ ГОДИНИ ЧЕКА РЕСТАВРАЦИЈА СПОМЕНИКОТ НА ПРЕСПАНСКОТО СОВЕТУВАЊЕ ПРЕД АСНОМ, ОТИ БИТОЛСКИОТ МУЗЕЈ НЕМА ИСТОРИЧАРИ годинава не е предвидена реставрација на споменикот од Јордан Грабулоски, оти битолскиот Завод и Музеј нема нема вработен историчар. (Фото: СДК.МК)

    Три години по потпишувањето на Преспанскиот договор со кој се реши 30-годишниот спор  меѓу Македонија и Грција, уште чека да биде реставриран споменикот на Преспанското советување во Отешево од 1943. Ова спомен-облежје сведочи дека Преспа, каде се потпиша новото поглавје од македонската историја, има историско значење за Македонија уште од времето на Народно-ослободителната борба од 1941-45. Бил подигнат пред 48 години, во чест на состанокот од 1943 кој имал решавачко влијание за организирањето на Антифашистичкото собрание на народното ослободување на Македонија (АСНОМ) и создавање на македонската национална држава.

    Споменикот се наоѓа на еден километар од локацијата во Отешево, каде пред три години по потпишувањето на Преспанскиот договор во Псарадес (Нивици) двете делегации од македонска и грчка страна дадоа официјални изјави. На истото место, изминатите два дена се одржаа и „Преспа форумот за дијалог“ на кого присуствуваа амбасадори, министри, градоначалници и многу други значајни личности.

    Изгледот на ова споменично обележје, чиј автор е легендарниот македонски скулптор Јордан Грабулоски, не е воопшто променет кон подобро од пред три години кога го посетивме. Иако е висок пет метри, шумата скоро го има проголтано. Одвај се забележува, а сместен е на двесте метри крај асфалтниот пат што води за туристичките населби Отешево и Стење. Приодот е обраснат со вегетација, на спомен плочата слабо се чита што пишува, мозаичната површина е оштетена, а на бетонот не е ставена четка со боја долго време.

    Иако е висок пет метри, шумата скоро го има проголтано, a приодот е обраснат со вегетација. (Фото: СДК.МК)

    Од Општина Ресен ни рекоа дека ова е меморијален споменик, а таквите не се во нивна надлежност да ги реставрираат туку на институциите кои се занимаваат со култура и заштита на споменични облежја. Од Завод и музеј Битола, инстутуција задолжена за заштита на културното наследство и во Преспанскиот Регион, велат дека за годинава нема предвидени соодветени активности за овој споменик.

    „Со оглед на фактот дека немаме вработен историчар, а за превземање на интервенции за заштита на секој меморијален споменик е потребно изготвување на комплетен конзерваторски проект, врз наведениот споменик годинава нема предвидени соодветни активности“, вели директорката Мери Стојанова.

    На нашата забелешка дека споменикот подолго време не е ни премачкан со боја, директорката ни одговори:

    „Ние не можеме да ‘го премачкаме со боја’, како што споменувате, бидејќи имаме соодветна законска регулатива кон која мора да се придржуваме“.

    на спомен плочата слабо се чита што пишува, а мозаичната површина е оштетена. (Фото: СДК.МК)

    Токму на ова место, Централниот комитет на Комунистичката партија на Македонија (ЦК на КПМ) од 2 до 4 август 1943 донесол клучни одлуки со кои се создале политичко-правни претпоставки за свикување на АСНОМ. Донесени биле одлуките за прераснување на партизанските одреди во воени единици, за интензивирање на изградбата на народната власт, организационо зајакнување и проширување на организациите на КПМ и Сојузот на комунистичката младина (СКОЈ), и за усвојување платформа на Народноослободителната војска (НОВ) на Македонија. На советувањето учествувале членовите на ЦК на КПМ Кузман Јосифоски-Питу, Цветко Узуновски-Абас, Страхил Гигов-Андро, инструкторот на ЦК на КПЈ во Македонија Добривое Радосавлевиќ-Орце, подоцна се приклучил и Светозар Вукмановиќ-Темпо, делегатот на ЦК на КПЈ и на Врховниот штаб на НОВ и Партизанските одреди на Југославија во Македонија.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира