ТРИ МОМЧИЊА УДРЕНИ ОД КОЛА ДОДЕКА СЕ ВРАЌАЛЕ ОД НОВОГОДИШНА ПРОСЛАВА ВО ВЕЛЕС

    ТРИ МОМЧИЊА УДРЕНИ ОД КОЛА ДОДЕКА СЕ ВРАЌАЛЕ ОД НОВОГОДИШНА ПРОСЛАВА ВО ВЕЛЕСЗа силината на ударот говори и тоа што дебелиот потпорен ѕид од камења е разрушен. (Фото: СДК.МК)

    Утринава, во сообраќајка во центарот на Велес, тешко повредени се тројца тинејџери. На нив налетал автомобил додека тие се враќале од новогодишна забава. Сите тројца се пренесени на Клинички во Скопје.

    „Утрово примени се петмина пациенти, кои се здобиле со повреди во сообраќајна незгода. Тројцата пешаци се тешко повредени, со скршеници и поради сериозноста и специфичноста на повредите се префрлени понатамошно лекување на Клинички Центар „Мајка Тереза“ – Скопје. Возачот и совозачот се задржани на лекување во нашата Болница“, изјави д-р Филип Тодоровски дежурен доктор во ЈЗУ Општа Болница Велес.

    Од СВР Велес, информираа за настанот, кој се случил во 3,30 часот на улица Алексо Демниевски, близу Градската Библиотека.

    „Утрово се има случено сообраќајна незгода во која автомобил марка Фиат пунто со велешки регистарски броеви, управувано од Т.Т. (32) од Велес, кој откако изгубил контрола над возилото излетал од коловозот и удрил во три пешаци кои веќе ја поминале улицата и запрел во потпорен ѕид на куќниот двор. По незгодата, со возило на Итна медицинска помош, при ЈЗУ-Здравствен Дом – Велес возачот Т.Т., сопатникот К.Т. (32) од Велес, пешакот К.К. (18) и двајца 17-годишни пешаци од Велес, Б.Д. (18), Ф. К. (18), се пренесени во ЈЗУ-ОБ Велес“, изјави Верољуб Додевски портпарол на СВР Велес.

    За силината на ударот говори и тоа што дебелиот потпорен ѕид од камења е разрушен. Во него удрил автомобилот, откако излетал после легнатиот полицаец кој е на блискиот пешачки премин. Сведоци говорат за паниката која се создала во тие моменти.

    „Имаше десетина млади кои се враќаа од пречек на Новата Година, која ја чекале вечерта во локалите во спортската сала. Колата удри во дел од групата која беше на тротоарот. Беа можеби десетина млади. Потоа беше страшна слика, крвави момчиња легнати на улица, сопружниците од колата исто така крвави излегоа од неа. Присутните млади девојки врескаа, плачеа, повредените лелекаа. Дојде Брза помош со две комбиња и ги однесе сите во Болница. Автомобилот беше завртен за 360 степени, како да доаѓал од спротивен правец на оваа еднонасочна улица“, вели родител која ја чекал ќерката и додава дека можеле да бидат повредени и повеќе, оти групата била бројна.

    Од полиција велат дека е извршен увид и истрагата ќе ги открие причините за сообраќајката.

    П.  ПЕЧКОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира