ТРИ ТОНИ ТЕКСТИЛЕН ОТПАД СЕ СОБРА ВО БОСИЛОВО, ПОЛОВИНА Е ОБЛЕКА ШТО ЌЕ СЕ ДОНИРА

    ТРИ ТОНИ ТЕКСТИЛЕН ОТПАД СЕ СОБРА ВО БОСИЛОВО, ПОЛОВИНА Е ОБЛЕКА ШТО ЌЕ СЕ ДОНИРАПоловина од текстилниот отпад ќе се донира како облека преку Црвен крст. (Фото: СДК.МК)

    „Не го фрлајте текстилниот заедно со комуналниот отпад кој завршува на депонија. Парчињата што може да се користат донирајте ги“, е пораката од еколошката хуманитарна акција во Босилово. Околу 3 тони текстилен отпад се собра во Општина Босилово. Домаќинствата текстилниот отпад го складираа во посебни контејнери, а облеката која што може да се реупотреби добро спакувана ја донираа за некому да му послужи.

    Во акцијата се вклучи и Ѓорѓи Зимбаков, кој  своевремно работел во фабриката „Охис“ во Скопје. Вели дека ако текстилот заврши во депонија постои реална опасност тој да се запали и да се шири непријатен мирис.

    „Текстилот се произведува на вештачки начин во кој има малон и маклен и кога ќе се запали знам каква штета може да им направи на воздухот и на почвата. Добро е вака да се собере целиот текстилен отпад кој не може да се употреби и на соодветен начин да се согори. Не сакав мојата гардероба која е истрошена и не ја користатм да се фрла во депонија. Притоа, донесов и 100 парчиња облека кои можат да се реупотребат“, вели Зимбаков.

    Повеќе од половината отпад беше добро сочувана и  спакувана облека за да се реупотреби.  Во повеќе населени места беа поставени соодветени садови за складирање на текстилниот отпад, а најмногу се донесе на пунктот во центарот на Босилово. Паралелно се организираа и работилници во училиштата и во малите текстилни фирми.

    ,,Сакаме да ја подигнеме свеста кај жителите во руралните средини за опасноста од овој текстилен отпад, но и да укажеме дека текстилниот материјал кој може да се реупотреби да не завршува во депонија. Ние секоја година се обидуваме да ја подигнеме свеста за селекција на отпад собирајќи ја пластиката, а за возврат подаруваме овошни садници, но потребно е системско решение“, кажа градоначалникот на Босилово, Ристо Манчев.

    Годишно во Македонија околу 10 илјади тони текстилен отпад завршува во депониите, вели Евгенија Најдоска од колективниот постапувач „Тексомак“. Босилово е втората општина по Прилеп каде овој колективен постапувач влегува со своја опрема и систем за селекција на текстилниот отпад.

    „Мора да се преземат сериозни чекори со текстилниот отпад, бидејќи сите компании кои работат со текстил по лон систем, отпадот го фрлаат во депонија. Добро е што се буди свеста кај граѓаните, но потребно е да се дејствува и во соработка со општините за да изградиме систем на регионално ниво со цел да се намалат транспортните трошоци за собирање и преработка на текстилот. Во преговори сме со Гази Баба и Аеродром“, кажа Најдоска.

    Во акцијата учествуваше и Црвен крст, бидејќи преку нив облеката што може да се реупотреби, ќе биде доделена на социјално ранливи категории граѓани од Југоисточниот Регион.

    В. ТРАЈКОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира