Триста лица биле вклучени во вчерашното локализирање на големиот пожар близу Велес. Пожарникари од Велес, Скопје, Штип, Свети Николе, Неготино, Кавадарци, Прилеп и Гевгелија, десет часови се бореа со огнената стихија. Нив им помогнаа и припадници на Армијата, вработени во ЈП Македонски шуми, Дирекцијата за заштита и спасување, ЈКП Дервен, велешките ловџии и доброволци.
Градоначалникот на Велес Аце Коцевски денеска на пресконференција им се заблагодари на сите кои помагаа.
„Упатувам јавна благодарност до сите институции, установи и поединци кои несебично се вклучија во справување со огнената стихија што вчера кобно се распосла над Велес“, рече Коцевски и апелираше до граѓаните да не навлегуваат во опожарените подрачја, бидејќи температурата на почвата е многу висока.
Тој најави дека поради зафати на далноводот на ЕВН на местото викано Бела Вода на Езеро Младост, се воведува 24-часовна забрана за движење на пешаци на пешачката патека околу Езерото, во период од 28 август до 3 септември. При гаснењето на огнената стихија хеликоптерите исфрлиле 54 тони вода, а „ер трактор“ авионите 20 тони.
Дежурни екипи се распоредени на одредени пунктови, поради тоа што на има тлеење на жаришта и се работи на гаснење. Утрово, изгорената шума ја прелетуваа и исфрлаа вода воените хеликоптери.
Уште есенва ќе се започне со чистење на теренот и отстранување на изгорените стебла од пола век старата шума на црн бор. Сега нема да се сади црн бор, туку багрем кој сам се обновува по природен пат. Причината што нема да се сади црн бор, според стручните лица, е затоа што неговите шишарки се суви и кога ќе се запалат прска како бомбина сите страни и допринесуваат за лесно ширење на огнот.
„До крајот на годинава, најмногу што може да се сработи е отстранување на изгорени стебла, подготовка на почвата и засадување нови насади на површина до 50 хектари, а во рок од една до една и пол година цела површина на Езерото ќе биде обновена. За овие активности, масовно ќе ги поканиме граѓаните да се вклучат преку форми на акции за садење“, најави Коцевски.
П. ПЕЧКОВ