Во Основниот суд Велес почна судењето за обид за убиство на полицаец, кое се случи на почетокот од годинава на велешките гробишта. Обвинети се тројцата браќа Џохан (32), Орхан (33) и Мустафа (29) Кантурови од Велес. Џохан се товари за убиство во обид, додека Орхан и Мустафа за помагање при обид за убиство и напад на службено лице при вршење на работи од безбедноста. Обвинителката Аделина Станинова предупреди на зголемениот број напади врз полицијата.
„Нападот се случил на гробиштата, на место каде има вечен спокој и мир на починатите, но станало место на злосторството“, рече Станинова.
Обвинетите одрекоа дека го сториле делото.
„Не се чувствуваме за виновни“, кратко одговорија на прашањето од судијата Шефшет Адеми дали се чувствуваат за виновни.
Адвокатот Борче Стојанов рече дека обвинетите немале намера ниту пак се виновни за делото за кое се товарат. Бранителот Ане Василковски, пак, констатираше дека полициските службеници при преземените активности не се легитимирале, биле во цивилна облека и немале наредба за преземените дејствија.
Оштетениот полицаец Ердинч Мемедалиев, до детали го опиша настанот кој се случи на 2 февруари на гробиштата во црквата „Св. Спас“ во Велес околу 10 часот, кога се соочил со смртта откако еден од обвинетите му вперил пиштол. Тој беше застрелан три пати во стомакот и еднаш во коленото.
„Бевме со колешка на оваа локација, бидејќи имаше случаи на дрски кражби над лица кои се посетители на гробиштата. Бевме во цивилна облека, за да не го свртиме вниманието на можните сторители. Се сретнавме со обвинетите и едно дете, Џохан праша што правиме таму, одговорив по работа и тие рекоа одат на пазар. По некое време, не повеќе од 10 минути, ги видов дека се враќаат и за да не им паднеме во очи, влегов во внатрешноста на гробните места. Сите четворица пристапија, а Џохан ме праша, ‘зошто ме следиш и дали јас идам ти каде што одиш?’. Му реков дека нема место за проблеми и да продолжат каде тргнале. На ова Мустафа ме фати за јакната, а Џохан и Орхан за рацете. Не можев да реагирам, и затоа време Џохан од зад мене, го извади мојот службен пиштол од појасот. На ова реагираше колешката, која праша ‘што работите’ а на тоа малолетникот ја удри со нога во стомак, ја фати за раце. Џохан го репетираше пиштолот, јас се обидов ја смирам ситуацијата, но тој пукна во мене 2-3 истрела, еден ме погоди во колено и почувствував болка. Се борев со Орхан и Мустафа и така паднавме на еден гроб, го држев Мустафа врз мене, за да не може Џохан да пука, тој беше над нас на еден метар. Мустафа некако побегна, јас останав сам со пиштол вперен во мене. Џохан ме праша ‘каде ќе одиш сега’ и почна да пука, како пукаше чувствував болки во стомакот. Чиста среќа е што не ме погоди во друг дел од телото. Собрав сили и му свикав ‘сега ќе видиш’ тој се повлече, јас побегнав облеан во крв, по што слушнав уште еден истрел. На тој дел од гробиштата немаше луѓе иако беше недела, мојот мобилен беше исклучен, трчав и налетав на такси. Од мобилниот на таксистот се јавив во полиција, а тој ме донесе во болница“, сведочеше Мемедалиев.
На прашање од адвокатите на обвинетите, полицаецот рече дека никој од тројцата браќа не бил нападнат или удрен од полициските службеници во тие моменти, напротив, тројцата обвинети биле агресивни и удирале. Бранителите прашаа и дали смее во службен пиштол да има полна рамка со муниција и добија одговор „да“. Прашаа и дали пиштолот бил закочен, на што слушнаа дека оваа марка пиштоли немале кочница. И оштетената полицајка, која заедно со Мемедалиев била на задача тој ден, го сведочеше истото дејствие до детали. На прашање од адвокатите зошто не го употребила службениот пиштол, таа рече дека била оневозможена, била држена за раце. Судењето продолжува со сослушување на други сведоци и вештите лица.
П. ПЕЧКОВ