Трудовата инспекција ја затвори спортската сала „Нико Нестор“ во Струга, која со години прокиснува, а водата од кровната конструкција навлегува на самиот терен. Салата која е во распаѓање ја користат учениците од средното стручно училиште „Нико Нестор“ и спортските клубови од Струга за тренинзи и натпревари. Објектот е стар повеќе од 30 години и досега нема никакви зафати за санација.
Акцијата на Трудовата инспекција следи по текстот на САКАМДАКАЖАМ.МК, откако граѓани преку алатката „Пријави корупција“ пријавија дека при прокиснување пред часовите по физичка култура се брише подот, а спортските клубови ги откажуваат тренинзите и натпреварите или пак бараат друга сала за нивните активности, оти навечер треба да ги палат рефлекторите па стравуваат дека може да настане струен удар или пожар.
„Уште пред 15-17 години се зборува дека прокиснува и ден-денес е истиот проблем. Тука ни тренираат наши деца, воопшто не е безбедно, може да настане струен удар или пожар. Надлежните веднаш да преземат нешто“, велат граѓани.
Пред една недела, на својата фејсбук страна Сојузот на спортски федерации на Македонија (ССФМ) објави дека одговорен за состојбата на салата е Општинскиот спортски сојуз (ОСС) Струга и го повика претседателот да даде оставка и да свика собрание.
„Обидот, виновниците, оние кои 7 години имаа и механизми и финансиски средства да ја реновираат оваа спортска сала која е од исклучителна важност за Струга, да глумат жртви е провиден и веќе не поминува кај стружани. Уште еднаш, како Сојуз на спортски федерации, каде што природно треба да припаѓа и Општинскиот спортски сојуз (ОСС) Струга, а не е заради лошо менаџирање, апелираме, да се свика собрание и досегашниот претседател да ја поднесе својата оставка со што ОСС Струга би се вратил во нормално функционирање, а со тоа и повторно во членство во ССФМ, како би можеле заедно со Министерството за спорт да продолжиме со проектот за реновирање на спортската сала ‘Нико Нестор’“, велат од Сојузот.
Директорката на средното стручно училиште „Нико Нестор“ од Струга, Кети Јанкоска, во изјава за САКАМДАКАЖАМ.МК призна дека проблемот е стар повеќе од 15 години. Кажа дека салата не е во сопственост на училиштето и поради тоа е отежнат процесот на санација и поправка на кровната конструкција, инвестиција која чини од 200 до 300 илјади евра. Јанкоска вели дека помалите зафати тековно се санираат, како проблем со канализација, прегорени рефлектори, инсталација на струја.
„Не можеме да преземеме активности за вака голем зафат оти не сме сопственици на спортската сала, ние сме само корисници. Салата точно е дека прокиснува, но тоа не се обилни протекувања туку прокапува по ќошовите“, рече директорката Јанкоска.
Салата е изградена пред 30 години со средства на училиштето „Нико Нестор“ кое денес се бори да си ја врати сопственоста. До пред некоја година со неа стопанисувало Здружение на општински спортови кое денес е под стечај, па договорите за закуп сега се потпишуваат со физичко лице, извесен Ѓоко Ќуркоски кој бил дел од Спортскиот сојуз на Струга.
Лани, училиштето заедно со градоначалникот Рамиз Мерко испратиле допис до Владата и Министерството за спорт за враќање на салата во сопственост на „Нико Нестор“.
„Ги собравме сите документи, планови по кои е градена салата, инвеститорот, одлуките на поранешните градоначалници кои ја давале на користење и многу други потребни за да ни биде дадена салата во владение, односно да биде вратена на оној кој ја изградил и финансирал. До денес, за жал, нема одговор. Истата иницијативе ја имале и директорите пред мене. Во ваква состојба некој си наплаќа, си зема пари, а некој друг ги трпи критиките. Доколку се успее да ни се врати во владение веднаш ќе пристапиме кон санација на овој проблем, а дотогаш ќе продолжиме да правиме помали санации, онолку колку што ни дозволуваат можностите“, вели Јанкоска.
Учениците од „Нико Нестор“ ја користеа салата од 7.30 до 17 часот, а после тоа таму тренираа спортските клубови од Струга.
„Училиштето има нова училишна спортска сала која се користи за физичка активност на учениците, но бидејќи ние сме многу големо училиште, со 1.500 ученици, има македонска и албанска настава, некогаш имаме потреба од користење и на оваа сала. Прокиснување им,а но не кај рефлекторите. Салата се користи само преку ден и ние рефлектори воопшто и не палиме“, додава Јанкоска.
Околу 5 спортски клубови ги користат вечерните термини. Ристе Миноски од Ракоментиот клуб „Струга“ вели дека состојбата е алармантна, па често тренинзите и натпреварите се откажуваат оти кога врне небезбедно е да се палат рефлекторите.
„Состојбата е катастрофална, капе отсекаде. Ги откажуваме натпреварите или одиме во друга сала. Кога има потреба да се пуштат рефлектори во салата не одиме таму. Воопшто не одиме и ако врне, голем ризик е оти не е безбедна“, вели Миноски.
Според Миноски, објектот не е запишан во катастар туку само земјиштето кое е во сопственост на Република Северна Македонија.
Советот за превенција на Општина Струга пред две недели одржа седница на која беа усвоени низа мерки и активности кои треба да ги преземат наджните општински и државни институции како резултат на актуелната состојба по катастрофалниот пожар во искотеката „Пулс“ во Кочани со 61 жртва на 16 март. Една од нив е и контрола на сите спортски сали на територијата на Општината.
С. ВРЕНЦОВСКА