ЦЕЛО ЛЕТО ТВОРЕЧКИ РАБОТИЛНИЦИ ЗА ЛИЦАТА СО ПОПРЕЧЕНОСТ ВО ВЕЛЕС

    ЦЕЛО ЛЕТО ТВОРЕЧКИ РАБОТИЛНИЦИ ЗА ЛИЦАТА СО ПОПРЕЧЕНОСТ ВО ВЕЛЕСОколу 30 лица, повеќето над 18 години, заеднички творат ликовни и грнчарски дела на работилниците штп ќе траат до октомври (Фото: СДК.МК)

    Лицата со  попреченост од Велес летово го минуваат организирано во работилници, каде творат ликовни дела или грнчарски производи. Околу 30 лица, повеќето над 18 години, заеднички творат и ги развиваат нивните вештини. Тука се собираат лица со аутизам, Даунов синдром, церебрална парализа. Оваа активност е на  Здружението  на лица со церебрална парализа,  започна од јуни и ќе трае до октомври, а  го спроведува проектот „Едукативен, социјален и инклузивен клуб со лица со хендикеп“ од „Полио плус“.

    „Проектот има цел да помогне  лицата со попреченост да излегуваат од домовите, да се дружат, забавуваат, едуцираат, социјализираат. На овој начин не им помагаме само на лицата со попреченост, туку и на нивните семејства. Тука доаѓаат и лица со 18 години и повеќе, кои се грижа на биолошките семејства, имаат многу слободно време, и го минуваме организирано со нивните блиски. Работиме на работно оспособување, да развијат вештини кои ги потиснале. Лицата со попреченост можат да направат многу ако им се даде можност“, вели Далиборка Златева, претседателка на Здружението на лица со церебрална парализа.

    Освен грнчарската и ликовната работилница, наскоро започнува и шивачка. Се одржуваат два-три пати неделно, по три часа. Златева  очекува од локалната власт простор каде може да се организира овој клуб, бидејќи постојниот е мал и не ги задоволува нивните потреби.

    „Колку повеќе овие лица работат со глината, толку повеќе ја засакуваат работата.  Можам да забележам дека се чувствуваат пријатно, заинтересирани се, убаво им е тие неколку часа, креативни се, имаат желба за работа. Работат посветено, одговорно и со љубов. Им требаше време да се запознаат со работата, но бргу дојдоа до сознание како се работи и ова е успешен проект“, вели менторот  Ирена Станчева, која со сопругот имаат грнчарска работилница.

    П. ПЕЧКОВ 

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира