ЦЕЛТА НА КЕНЗО ТАНГЕ БЕШЕ ДА ГИ ОБЕДИНИ СКОПЈАНИ ПОСЛЕ ЗЕМЈОТРЕСОТ, ВЕЛИ НЕГОВИОТ СИН, ПОЛ ТАНГЕ

    ЦЕЛТА НА КЕНЗО ТАНГЕ БЕШЕ ДА ГИ ОБЕДИНИ СКОПЈАНИ ПОСЛЕ ЗЕМЈОТРЕСОТ, ВЕЛИ НЕГОВИОТ СИН, ПОЛ ТАНГЕ„Татко ми видел дека останале 30 отсто од градот. И наместо да ги урне тие објекти, тој мислел дека би било значајно да се зачува таа историја“, вели Пол Танге. (Фото: Приватна архива)

    Изградбата на Скопје после земјотресот во 1963, град кој бил 70 отсто оштетен, беше прв проект на татко ми, Кензо Танге, вели неговиот син, Пол Танге (65), во интервју за „Дојче веле“, во одбележувањето на 60-годишнината од катастрофалниот земјотрес.

    „Татко ми видел дека останале 30 отсто од градот. И наместо да ги урне тие објекти, тој мислел дека би било значајно да се зачува таа историја. Затоа го создал Градскиот ѕид, кој е вертикален простор за живеење, но всушност обиколување на она што останало во градот Скопје по уништувањето од земјотресот. Размислувал како урбанист, урбан проектант. Сфатил дека што е можно побргу градот мора да заживее. Тоа значи дека е важно да се создаде заедницата, бидејќи заедницата беше уништена и оттаму е идејата за создавање Градска порта, која е во центарот на градот, каде што луѓето може да работат, а градскиот ѕид да го претставува стариот град и новиот вертикален жив град, кои може да коегзистираат. Притоа да се почитуваат истовремено и историската ситуација и модерноста“, вели Пол Танге.

    Tој вели дека татко му бил под големо влијание на модернистичките архитекти, и затоа тој опширно ја проучувал преку патувања низ Европа и САД, гледајќи ја модерната архитектура. Урбанистичкото планирање на Скопје било голема пресвртница за него.

    На прашањето да сподели спомени или анегдоти кои татко му ги кажал, меѓудругото вели: „Мислам дека татко ми има доживеано многу, би рекол катастрофи во својот живот, но не тој лично. Првото големо искуство беше по Втората светска војна, кога беше фрлена атомската бомба во Хирошима“.

    „Она што се сеќавам е дека за него Скопје беше многу важен проект и сакаше да биде дел од обновата на градот по разурнувачкиот земјотрес. По Хирошима, ова му беше второ искуство на соочување со тешки катастрофи. Во сеќавање ми е останато дека тој многу размислуваше како може да им даде живот, надеж на луѓето, првин како човек, а потоа како архитект? Размислуваше како професионалец да создаде архитектонска или плански мудра идеја за да им даде на луѓето надеж да продолжат напред. Така, за него обновата на заедницата во Скопје беше многу важна. Создавањето градска порта во центарот на градот каде што луѓето навистина можат да се соберат и да почувствуваат дека заедницата повторно постои. Истата функција за него ја има и обединетиот плоштад. Повторно, место каде што луѓето можат да се соберат. Заедно сме, без разлика дали сме на реката од едната или од другата страна. Сакаше луѓето да чувствуваат дека се заедно. Значи, за него тој простор на заедницата, создавање на центарот на градот каде што луѓето можат да се соберат беше многу важен. Но, исто така, да не заборавиме на уништувањето на минливоста. Значи, што и да останало, тој се трудел да го зачува за луѓето да сфатат што било порано, а што потоа“.

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира