ЦЕНТАРОТ НА ВЕЛЕС ДОБИ НОВ ЛИК ВРЕДЕН 751.000 ЕВРА СО ПРОЕКТОТ ФИНАНСИРАН ОД ЕУ

    ЦЕНТАРОТ НА ВЕЛЕС ДОБИ НОВ ЛИК ВРЕДЕН 751.000 ЕВРА СО ПРОЕКТОТ ФИНАНСИРАН ОД ЕУВкупниот буџет на проектот беше 751.470 евра, од нив 638.778 од ЕУ и 112.720 евра од Министерството за локална самоуправа. (Фото: СДК.МК)

    Заврши проектот „Паметни решенија – Велес продолжуваме“, со кој централното градско подрачје на Велес доби повеќе нови инфраструктурни содржини. Проектот се базираше на Општинскиот план за мобилна одржливост и Стратегијата за развој на паметен град. Вкупниот буџет на проектот беше 751.470 евра, од нив 638.778 од ЕУ и 112.720 евра од Министерството за локална самоуправа.

    „Градовите се препознаени како клучни актери во спроведувањето на економскиот раст, социјалната инклузија и одржливиот развој. Потребен е интегриран пристап во урбаното планирање, со фокус на подобрување на транспортната инфраструктура, енергетската ефикасност и дигиталната поврзаност. Значејно е вклучувањето на граѓаните во процесите на донесување одлуки. Целта е да се создадат градови кои се инклузивни, конкурентни и отпорни на идни предизвици“, кажа Клаус Рихтер, тим лидер на програмата ЕУ за Општините.

    Проектот се реализираше три години и дополнителни четири месеци, од 15 јануари 2022 до 14 јануари 2025 плус четири месеци до 15 мај годинава. Тој е продолжение на „Паметно Езеро Младост“, исто проект финансиран од ЕУ во висина од еден милион евра.

    „Општина Велес е првата општина која предвидува и имплементира одржлива мобилна урбаност, според стандардите и препораките на ЕУ. Планот предвидува пакет мерки кои ќе постигнат промена на одржлив начин на транспорт, подобар живот на граѓаните, обезбедување повеќе површини за социјализација, за културни содржини на локалното население. Стратегијата за развој значи напуштење на досегашните практики и воведување нови кои значат поврзаност со иновативни технологии, нови начини на фукнционирање. Адресирани беа проблеми – сообраќајниот хаос, недостиг на оптимизација на јавен превоз, недоволно пешачки зони, недостиг на велосипедски патеки, и голема фреквенција на моторни возила во централното градско подрачје – со овој проект се започнува нивно решавање“, кажа проект-менаџерката Марија Алчева.

    Со проектот, централното градско подрачје доби одводна подземна мрежа за атмосферската вода, доби нов кружен тек кај Сарамале, преуредување на постоен кружен тек кај Споменикот на коњаникот, пешачка зона, велосипедска патека и проширување на троаторите на улицата 8 Септември помеѓу двата кружни тека. Со првичното решение, преку овој проект, требаше централното градско подарчје да добие пешачка зона, но тоа се напушти.

    Јавноста во Велес реагираше за проектот, оти сметаше дека се создаде непотребно дополнителна гужва во сообраќајот во градот. Ниту еден сообраќаен инженер во Велес не сакаше да го коментира новото сообраќајно решение. Локалната власт смета дека се создало избалансирано решение секој да биде задоволен, а да не се отстапи на концептот. За велосипедската патека со нејзината должина од стотина метри имаше многу коментари дека е кратка.

    „Поентата за велосипедската патека беше да се создаде, која потоа ќе се надградува со нови мрежи на патеки и таа е зачеток. Таа ни е прва велосипедска патека во градот. Кога ќе се види големата слика и целокупниот концепт, бенефитот ќе биде дека сме знаеле што сме направиле“, додаде Алчева.

    Со овој проект се набавија и поставија четири паметни клупи, кои имаат сопствена ви-фи мрежа и полначи за мобилни, четири автобуски постојки со електронски дисплеи и дисплеи за тековни содржини или можност за рекламирање, два подземни контејнера и четири полначи за автомобили на струја, кои треба дополнително да се постават откако ќе се реши електронапојувањето. Набавени се и 10 електрични велосипеди, за чие користење подоцна ќе се решава, оти локалната власт нема правен основ за да ги изнајмува за користење.

    П. ПЕЧКОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира