ЦЕНТАРОТ ЗА УПРАВУВАЊЕ СО КРИЗИ ДОБИ МОБИЛЕН ГЛАВЕН ШТАБ ЗА КООРДИНАЦИЈА ПРИ ПРИРОДНИ КАТАСТРОФИ

    ЦЕНТАРОТ ЗА УПРАВУВАЊЕ СО КРИЗИ ДОБИ МОБИЛЕН ГЛАВЕН ШТАБ ЗА КООРДИНАЦИЈА ПРИ ПРИРОДНИ КАТАСТРОФИЦентарот ќе може да функционира и во отсуство на струја и интернет во подрачје погодено од катастрофа (Фото: СДК.МК)

    Центарот за управување со кризи доби команден комуникациски центар за справување со елементарни непогоди, што го набави Центарот за развој на Југоисточниот плански регион преку проектот ХЕЛП од програмата за прекугранична соработка со Грција. Опремен е со софистицирана опрема и оттука ќе се координираат сите активности при природни катастрофи во прекуграничниот регион со Грција.

    „Со овој команден центар ја развиваме мисијата на Центарот, а тоа е унапредување на процесите во системите за управување со кризи, како што се превенција, рано предупредување, справување и надминување на последиците. Тоа ќе се постигне преку соработка на меѓународните, националните, регионалните и локалните чинители, со цел олеснување на давање помош“, рече Стојанче Ангелов, директорот на ЦУК.

    Командниот комуникациски центар ќе биде мобилен и ќе може да функционира и во отсуство на струја и интернет во подрачје погодено од катастрофа. Станува збор за контејнер опремен со монитори, агрегати, сателитски врски и интернет и други системи. Ќе биде главен штаб од каде што ќе може да се координираат активностите при поголеми пожари, поплави и земјотреси.

    „Командниот центар ќе може да служи секаде во земјава каде што ќе има потреба. Ова е прв ваков центар во земјава и во преговори сме да реализираме ваков проект и со соседна Бугарија“, кажа Жулиета Ѓуркова од Центарот за развој на Југоисточниот плански регион

    Идентичен команден центар е набавен и на грчката страна, заедно со мобилен медицински центар. Целиот проект чинеше околу 900.000 евра.

    В. ТРАЈКОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира