ЦРКВАТА ОД 17 ВЕК „СВЕТИ АТАНАСИЈ“ ВО ЗОВИЌ МОЛИ ЗА СПАС, НЕ Е НИ ПОД ЗАШТИТА

    ЦРКВАТА ОД 17 ВЕК „СВЕТИ АТАНАСИЈ“ ВО ЗОВИЌ МОЛИ ЗА СПАС, НЕ Е НИ ПОД ЗАШТИТАФреските од 17 век во црквата „Свети Атанасиј“ во Зовиќ, битолско Мариово, се оштетени оти малтерот се двои од ѕидовите. План за реставрација и санација нема, оти црквата не е регистрирано културно наследство кое е заштитено, а од битолскиот Завод и музеј не се информирани дека тие треба да ја почнат постапката за заштита. (Фото: М. Манчевски)

    Со нарушена статика, испукани ѕидови, изронет малтер и крајно оштетени фрески, со години оставен на забот на времето, опстојува црквата „Свети Атанасиј“ во мариовското село Зовиќ. Овој храм подигнат во 17 век, со столетија бил сведок на верскиот живот во селото кое броело неколку стотици жители, а четири века подоцна се распаѓа препуштен на грижата на десетина постојани жители.

    Надвор од манастирот се протега величествен видик кон Филмскиот мост, а внатре во храмот жалосна глатка кон културното наследство кое се распаѓа. Малтерот е изронет на поголем дел од ѕидовите. Дупките некој ги пополнил со камења и коцка, токму на место каде било исцртано телото на еден од светците. Фрескоживописот е толку оштетен што од друг светец останати се само насликаните нозе. Боите на фреските се избледени, а она што е малку останато е распукано и има потреба од итна санација.

    Надвор од манастирот се протега величествен видик кон Филмскиот мост, а внатре во храмот жалосна глатка кон културното наследство кое се распаѓа. (Фото: М. Манчевски)

    „Манастирот мора да се санира, но не ни дозволуваат од државата. Меѓу жителите и оние кои потекнуваат од Зовиќ постои интерес да се соберат средства да се направи покривот за да нема влага внатре. Со фреските состојбата не е најдобра, треба да се заштитат. Ќе треба екипа на заштитари да дојде, ги чекаме подолго време. Инаку, ние направивме и трпезарија и кујна до манастирот, за денот се оди таму. Преку лето доаѓаат и многу луѓе во родните куќи, на зима се повлекуваат Битола“, вели Митко Крстевски од Зовиќ.

    Од Министерството за култура за САКАМДАКАЖАМ.МК изјавија дека црквата „Св. Атанасиј“ не е регистрирано културно наследство, во согласност со Националниот регистер на објекти кои се заштитено културно наследство, и претставува потенцијално односно евидентирано културно наследство.

    „Во насока на ставање во правен режим на заштита, надлежната установа во областа на заштитата на недвижното културно наследство за овој дел од државата е НУ Завод за заштита на културното наследство и Музеј – Битола, која што треба да изработи Елаборат за валоризација на црквата ‘Св. Атанасиј’ во селото Зовиќ и доколку постојат објективни основи, да предложи и да се оствари соодветна заштита и категоризација на доброто. Црквата ‘Св. Атанасиј’ во Зовиќ е лоцирана во непосредна близина на самото село. Според територијалната поделба, селото припаѓа на битолскиот дел од Мариово. Црквата претставува еднокорабна градба, сместена на возвишение од каде има целосен поглед на селото Зовиќ. Се смета дека била изградена XVII век, од кога се верува дека и постои самото село на ова место. Во поново време, со помош од месното население, до самата црква е изградена трпезарија, поставен е крст, а донесена е и електрична енергија“, велат од Министерството за култура.

    Од битолскиот Завод и музеј велат дека  не се информирани оти тие треба да ја почнат постапката за ставање под заштита на оваа црква од 17 век во Зовиќ. (Фото: М. Манчевски)Но, од битолскиот Завод и музеј не се информирани дека тие треба да ја почнат постапката за ставање под заштита на оваа црква од 17 век. Велат дека во последните неколку години немало реализиран проект за заштита на  „Св. Атанасиј“ во Зовиќ. Не од негрижа, туку поради бројното културно наследство во Преспанско-Пелагонискиот Регион кое чека заштита, а тие се со ограничен број на кадри и средства.

    „Со оглед на бројот на споменици во овој регион и кадарот со кој располагаме не може да се каже за овој манастир кога ќе биде конзервиран. Нема повредни и помалку вредни споменици, но сепак има приоритети. Во план на колегите е да извршат конзерваторски зафати, но не зависи само од нашите желби, реално е дека не можеме физички и финансиски да постигнеме“, вели Мери Стојанова, директор на Завод и музеј-Битола.

    Црквата сега е на очиглед на јавноста зашто до овие подалечени села во битолскиот крај на Мариово се направи асфалтен пат. До лани тие беа отсечени од цивилизацијата. Дотогаш асфалтен пат имаше само до Рапеш, а потоа се асфалтираа останатите девет километри до Старавина, кои за да се поминат низ пат со чакал, дел однесен од атмосферските влијанија, беа потребни часови со теренско возило.

    Црквата сега е на очиглед на јавноста зашто до овие подалечени села во битолскиот крај на Мариово се направи асфалтен пат. До лани тие беа отсечени од цивилизацијата. (Фото: М. Манчевски)

    Други познавачи на состојбите со заштитата на културното наследство велат дека земјава е богата со наоди, а сиромашна со пари за нивна заштита. Низ Мариово, а и во други рурални предели има многу верски храмови кои имаат потреба од заштита зашто селата се без жители, црквите ретко се отвораат и имаат проблеми со влага која ги оштетува.

    Во Мариово преку проект за прекугранична соработка со Грција „Жива природа, жива историја“ беше реставрирана црквата „Св. Димитрија“ во село Градешница, која се смета за еден од централните храмови во овој крај. Оваа црква е надалеку позната по иконостасот, кој претставува вистинска реткост. Но, остана неконзервирано сликарството. Битолски Завод и музеј има изработено проект за негова конзервација и се надеваат дека до година ќе добијат средства од државата. Меѓу позначајните верски објекти е и црквата „Св Спас“ во село Чебрен која датира од 16 век и чека конзервација.

    Во битолско има стотини села со над 150 објекти што е еден сериозен број и навистина е тешко да се контролираат од крадци и да се заштитат. Во нив голем дел од фрескосликарството и иконописното наследство е посебно загрозено од лошите микроклиматски услови во објектите.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари