ЦРКВАТА „СВЕТА БОГОРОДИЦА“ ВО ЛЕШОК Е ЕДНА ОД РЕТКИТЕ СО ТРИСЛОЕН ФРЕСКОЖИВОПИС СЛИКАН ОД 13. ДО 19. ВЕК

    ЦРКВАТА „СВЕТА БОГОРОДИЦА“ ВО ЛЕШОК Е ЕДНА ОД РЕТКИТЕ СО ТРИСЛОЕН ФРЕСКОЖИВОПИС СЛИКАН ОД 13. ДО 19. ВЕКСтручната тричлена екипа на Конзерваторскиот завод главно работи во олтарниот дел на црквата. (Фото: СДК.МК)

    Малата црква „Успение на Пресвета Богородица“ во комплексот на Лешочкиот манастир од година во година открива по некоја тајна длабоко скриена под слоевите на фрескоживописот. Стручните лица од Државниот конзерваторски завод, кои работат на истражување и заштита на овој фрескоживопис, секој пат кога работат наидуваат на сé позначајни откритија скриени длабоко под слоевите малтер. Минатата година наидоа на мали фрагменти од првично насликаниот фрескоживопис во црквата, а оваа година открија еден голем фрагмент од првите фрески кои биле насликани, а кои најверојатно потекнуваат од 13. или 14. век.

    „Во оваа црква наидовме на трислоен фрескоживопис, што е прилично ретка појава во нашите цркви. Овој слој најгоре, што сега се гледа, потекнува од 19. век. Тој не е со голема уметничка вредност и беше многу оштетен од влага поради протекување на конструкцијата на црквата. Работиме на негово отстранување, што значи дека со посебна техника го симнуваме тој слој фрески од ѕидот, но тоа не значи дека тие фрески се уништуваат, туку се ставаат на специјална подлога и така можат да се изложат во посебен простор. Под овој слој наидовме на фрески кои потекнуваат некаде од 17. век. Тие се многу поквалитетно направени, ликовно се многу побогати и позначајни“, вели Владо Мукоски, советник-конзерватор за ѕидно сликарство од Националниот конзерваторски центар.

    Црквата „Успение на Пресвета Богородица“ во пишаните документи првпат се спомнува во 1326 година. Во 1641 била возобновена и живописана, кога е насликан и вториот слој фрески. Во 19. век повторно е живописана, но со фрески од многу послаб квалитет. Црквата во минатото била главна манастирска црква во Лешочкиот манастир. Таа е една од најстарите сочувани цркви во Полошкиот Регион.

    Стручната тричлена екипа на Конзерваторскиот завод главната активност ја насочува во олтарниот дел на црквата. Откако е симнат слојот фрески од 19. век, на виделина излегле прекрасни фрески кои датираат од втората половина на 17. век, кога оваа мала црква била обновена. Но, истражувајќи подлабоко, екипата наишла на мали фрагменти од трет слој фрескоживопис, кој најверојатно потекнува од 13. или 14. век, кога оваа црква била изградена.

    „Точната датација кога е направен овој најдолен слој фрески ќе ја кажат историчарите. Станува збор за многу постар живопис и ова е една ретка можност да се презентира трислојното сликарство во црквата ‘Св. Богородица’ во Лешок. Тука, на овој поголем фрагмент кој го откривме, имаме претставено делови од некој архиереј. Методите кои сега ги применуваме се иновативни, со што ќе овозможиме да се презентираат и стариот живопис и тој од 17. век. За таа намена направивме еден посебен носач за да може да го презентираме постариот живопис. Тој носач ќе биде ставен на фреската од 17. век, со што ќе може да се види и она што е насликано на фреската од 14. век“, објаснува Мукоски.

    Црквата „Успение на Пресвета Богородица“ во пишаните документи првпат се споменува во 1326 година. (Фото: СДК.МК)

    Конзерваторските работи во црквата ќе траат околу 20 дена. Се работи во фази, во зависност од тоа колку средства се одвоени за оваа намена од Министерството за култура.

    „Одобрени ни се минимални средства за оваа намена. Ние веќе неколку години работиме тука и таа работа се одвива во фази. Се надеваме дека овие конзерваторски и истражувачки работи ќе продолжат и во иднина. Проблемот за кој многупати досега сме зборувале е во недостатокот на стручен кадар за оваа работа. Во државата имаме само двајца-тројца советници-конзерватори, па може да се претпостави колку тие луѓе се доволни за целата територија на државата за да го заштитат ова културно наследство. Многу цркви имаат потреба од заштита, а ние со толку малку луѓе не можеме да одговориме на тие потреби. Водата е најголемиот непријател на ѕидното сликарство. Кога ќе настанат оштетувања на ѕидното сликарство, тоа е неповратно“, вели Мукоски.

    З. АНДОНОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира