Две лица вчера попладне со багер ја урнале оградата на поликлиниката „Бит Пазар“ во Скопје и во дворот почнале со градежни работи за изградба на паркинг. Со багерот врз тревата почнато е со нанесување на тампон подлога.
Како што вели директорот на Здравствениот дом Скопје д-р Виктор Исјановски, упадот во установата се случил околу 19 часот, по што чуварот веднаш го известил одговорното лице од техничката служба на поликлиниката и двајцата директори.
„Веднаш штом бев информиран за случајот, пријавив во Министерството за внатрешни работи и лично кај министерот Оливер Спасовски. Веднаш беше интервенирано и според моите информации, уапсени се две лица. Не знам што имале намера да градат, но вакво нешто е незамисливо, некој на диво да влезе во јавна установа и да почне да гради“, вели Исјановски.
Од МВР велат дека вчера на подрајчето Бит Пазар од полициски службеници се приведени Н. К. (44) и Ш. Д. (42), поради сомнение дека сториле кривични дела „Узурпација“ и „Бесправно градење“.
„Според пријавеното, во 19.45 часот во близина на поликлиниката Бит Пазар тие тргнале дел од оградата на здравствената установа со намера да го узурпираат просторот и да изградат паркинг, за што немале добиено дозвола од Општина Чаир. За случајот е известен Јавен обвинител и по негово целосно документирање ќе бидат поднесени соодветни поднесоци“, велат од МВР.
А. АНТЕВСКА