УЧЕНИЧКА Е ЛЕСНО ПОВРЕДЕНА ОТКАКО ПАДНА ТАВАНОТ ОД ТОАЛЕТИТЕ ВО МЕДИЦИНСКОТО УЧИЛИШТЕ ВО БИТОЛА, ВЕЛАТ ОД ОПШТИНАТА

    УЧЕНИЧКА Е ЛЕСНО ПОВРЕДЕНА ОТКАКО ПАДНА ТАВАНОТ ОД ТОАЛЕТИТЕ ВО МЕДИЦИНСКОТО УЧИЛИШТЕ ВО БИТОЛА, ВЕЛАТ ОД ОПШТИНАТАУченичката поради болки во раката направила испитување во Битолската болница. (Фото: СДК.МК)

    Од Општина Битола соопштија дека претпладнево паднал таванот од тоалетите во Средното медицинско училиште „Д-р Јован Калаузи“ во Битола и незначително повредил ученичка, која поради болки во раката направила испитување во Битолската болница.

    Тоалетите пред неколку години беа реконструирани со донација, а последниве денови биле воочени проблеми на горниот кат, проследени со извесно прокапување. (Фото: СДК.МК)

    „Директорката на средното медицинско училиште Наташа Илиева претпладне ја извести Општината дека утрово во 8 часот паднал таванот во училишните тоалети, за подоцна, Илиева на прашање од градоначалникот да потврди дека при падот на таванот била незначително повредена ученичка од училиштето. Градоначалникот Коњановски формира општинска комисија со која извршија увид во училиштето, со цел констатирање на состојбата. Директорката информираше дека тоалетите пред неколку години беа реконструирани со донација, а последниве денови биле воочени проблеми на горниот кат, проследени со извесно прокапување“, соопшти Општината.

    Комисијата денес изготви записник во кој ја констатира состојбата, а градоначалникот Коњановски го контактираше семејството на повредената ученичка, при што беше информиран дека ученичката е исплашена и со родителите е во Клиничка болница, каде се прават испитувања поради болки во раката.

    Од Општината соопштија дека тој од директорката Илиева побара одговорност, поради навремено непреземените мерки и непријавениот проблем.

    „На крајот на минатата година, од страна на градоначалникот беа повикани, директорите на училиштата, со цел да укажат на потребите за реконструкции и интервенции, кои ги имаат објектите. Од страна на директорката Илиева не беше побарана интервенција од општината за објектот на средното медицинско училиште“, се вели соопштението од Општината.

    Директорката на Средното медицинско училиште рече дека ненадејно паднал таванот, а ученичката која се затекнала таму не била повредена туку испаничена. Останала и на часови иако ѝ предложиле да си оди дома. Во училиштето ја прегледал лекар, а Илиева разговарал и со родителите кои ѝ рекле дека е добро.

    Тоалетите во школото, кои беа во катастрофално лоша состојба, беа реновирани пред четири години со донации собрани од хумани луѓе од Австралија, Кина, Филипините, Нов Зеланд, Малта, Канада, САД, а акцијата ја имаше покренато Медисон Ристевски, средношколка од Волонгонг, Австралија, која има македонско потекло.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира